Предностите на копривата
Неоспорно, копривата е вистинска ,,ѕвезда,, на која секогаш може да се потпреме кога станува збор за убавината на кожата, косата или ноктите.
На самото спомнување на копривата се враќаме во детството. Ова растение е многу хранливо и вкусно, а во истовреме и многу лековито и може да помогне во лекувањето на разни здравствени потешкотии. Во нејзиното пецкаво зеленило се крие изобилство од првокласни состојки, меѓу кои магнезиум, железо, калиум, калциум, фосфор, витамини Ц и А, фолна киселина, хлорофил, етерични масла, горки материи и силициумова киселина. Поради сето тоа таа се користи за спречување на опаѓањето косата, за нега на кожата и ноктите, делува против перут, а во истовреме ја прочистува крвта и го поттикнува разменувањето на материите и излачувањето на отровите од организмот.
Парна бања
За длабинско чистење на кожата на лицето и за собирање на проширените пори и во борбата против митисерите и акните се ставаат 5 полни лажици сушени листови од коприва се прелеваат со 1 литар врела вода. Се става крпа преку главата и се пари лицето на него 10-ина минути.
Чај против акни
За чај против акни, но и за јакнење на кожата, косата и ноктите, се зема 1 лажица сушени листови од коприва, се прелеваат со ¼ литри врела вода се остава да отстои 10 минути, се процедува и се пие. Притоа мора да се пие и многу вода, затоа што копривата го суши организмот.
Против перут
Се гмечат 1 кг свежи млади коприви и се прелеваат со 2 литри 70% алкохол. Се остава да отстои 8 дена, а потоа добро се процедува и од него темелно се отстрануваат сите растителни остатоци. Ваквата смеса се нанесува 1 до 3 пати неделно со масирање на темето на главата по миење на косата.
Шампон проти перут
1 супена лажица од свежо набрани млади коприви се прелева со 100 мл. врела вода. Се остава да отстои 5 минути, се процедува и се остава да се олади. Потоа се додаваат 2 белки и 1 лажица течен благ шампон.
Смеса против испаѓање на коса предизвикано од стареење
250 гр. сецкан корен од коприви се става во 1 литар вода, се долева ½ литар бел вински оцет и сето тоа се вари на тивок оган 30 минути. Потоа се лади и се претура во стаклено шише. Со ваквата смеса се масира кожата на главата еднаш неделно по миење на косата.
Смеса за косата и за кожата на главата
За сјајна и цврста коса и здрава кожа, 2 грста свежи или исушени листови коприва се прелеваат со ½ литри зовриена вода. Се покрива садот и се остава да отстои 3 часа. Потоа над цедеилка добро се истиснуваат листовите и се цеди. На оваа смеса се додаваат ¼ литри јаболков оцет и смесата се претура во стаклено шише. Со оваа смеса се масира косата и кожата на главата.
За сјај на косата
За оживување, сјај и против опаѓање на косата, се сецкаат по 20 гр. Свежи или исушени листови коприва и нане, се прелеваат со 300 мл. вода и се варат 10 минути на тивок оган. Потоа се оставаат накратко да отстојат, се процедуваат и им се додаваат 3 супени лажици сок од лимон и 5 капки етерично масло од нане. Добиената смеса се пресипува во стаклено шише и со неа се масира косата.
Бања за телото кај кожни болести
2 грста свежи коприви с прелеваат со 1 литар вода и се варат на тивок оган 10 минути. Потоа се оставаат да отстојат 15 минути, се процедуваат и се додаваат во бањата.