Со нетрпение ја чекавте пролетта, а сега, кога упорната зима конечно се предаде, се чувствувате исцрпено, безволно и немате сила да ги извршувате секојдневните активности, а камоли да уживате во првите топли и сончеви денови. Тоа се симптоми на пролетниот замор, од кои, според некои проценти, од година во година страда секој десетти жител на планетата. Оваа состојба е последица на начинот на живот за време на есента и зимата. Премасните и тешки јадења, со недоволно витамини и минерали, премалку сончева светлина и физичка активност доведуваат до пад на енергијата. Сепак, со некои измени во начинот на исхраната и лесна прошетка во природа многу брзо повторно ќе бидете во форма.

Кога се работи за исхраната, мора да го ограничувате внесувањето на шеќерот и мастите. Слатките моментално ќе ви ја вратат енергијата, но тоа чувство кратко ќе трае. Набрзо ќе дојде до нагло паѓање на нивото на шеќер во крвта, па ќе се чувствувате уште потромаво. Затоа треба да почнете да консумирате намирници кои содржат сложени јагленохидрати, кои се најдобар сојузник во борбата против пролетниот замор. Тука спаѓаат компирот, тестенините и други интегрални производи од житарки. Нутриционистите тврдат дека и мали количини јагленохидрати се доволни за организмот да го придвижи сопственото лачење на сератонинот, хормонот кој предизвикува чувство на среќа.

 

 

zamor21

 

 

Вашето мени треба да изобилува со лесни оброци, свежо овошје и зеленчук. Не остапувајте од три глави оброци и два меѓуоброци, кои треба да бидат прилагодени на вашата возраст, активности, пол и евентуални хронични тешкотии. Посебно е важно да не го прескокнувате појадокот. Во недостиг на време, за ужина добро ќе ви користи и некое свежо овошје. За мал волшебник кој го отстранува заморот се смета витаминот Ц, па затоа јадете киви, портокали и лимони. Сокот од лимони и портокали користете го и како прелив за салатите. На вашата трпеза нека се најдат и пиперките и магдоносот, кои се особено многу богати со овој витамин. Одбирајте и намирници богати со растворливи влакна, како што се јаболките, зобот и мешунките. Супите и чорбите исто така мора да бидат неизоставен дел од ручекот. Ќе ве окрепат и ќе ви обезбедат доволно течности, витамини и минерали.

Во борбата против заморот идеална е и рибата. Најновите истражувања покажуваат дека исхраната богата со риба делува стимулативно на процесите во организмот и му дава дополнителна енергија.

zamor11

Ако сте често поспани и лошо расположени, можеби ви недостасува железо. Овој минерал има важна улога во изградбата на хемоглобинот и е многу важен за имунолошкиот систем. На мажите им се потребни околу 10, а на жените околу 15 милиграми железо дневно. Главен извор на железо се сојата, спанаќот, црвените меса, живината, рибата и јаткастите плодови. Железото подобро ќе се апсорбира од храната со помош на витаминот Ц.

 

Важно е и да пиете многу течности, најмалку литар и половина дневно. Водата ќе ви помогне да го регулирате варењето и побрзо да се ослободите од насобраните токсини, со што ќе се намали и чувството на замор. Во водата можете да додадете и малку сок од лимон, што дополнително ќе ве освежи, а корисна е и минералната вода, која ќе ви го избалансира нивото на минерали во организмот.

 

zamor51
Ограничете го внесувањето на алкохол. Тој делува депресивно на центарлниот нервен систем, а го намалува и нивото на шеќер во крвта. Одбегнувајте го кафето, црниот чај и газираните пијалоци. Иако на почеток ќе ви се чини како многу напорно, трудете се да шетате редовно, да возите велосипед или да трчате. Тоа ќе му обезбеди на организмот повеќе кислород и повеќе енергија.

Токму овој период е идеален за детоксификација, бидејќи организмот е уморен од тешка и еднолична исхрана.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина