Дали некогаш во јадењата сте користеле зачин кој се вика пименто? Овој зачин е многу распространет ширум светот, каде е уште познат и како јамајкански црн пипер. Најмногу се користи во јадењата од мексиканската и централноамериканската кујна.

Стеблото на пиментото води потекло од дождовните шуми во Централна Америка и од Карипските острови. Латинското име му е pimenta dioica, и поттекнува од семејството на myrtaceae. Неговите бобинки се берат кога се сосема зрели. Потоа се сушат на сонце за да добијат изглед најсличен на зрната црн пипер.

Лековитите својства на пиментото

За пиментото подолго време се верува дека поседува лековити својства, посебно кога се работи за дигестијата и тоа поради состојката еугенол, која не само што му дава препознатива арома туку и ги олеснува проблемите со варењето, како што се пролив, мачнини и повраќање. Тој, исто така, може да помогне доколку постојат проблеми со гасовите. Овој специфичен зачин делува релаксирачки кога се работи за грчеви во стомакот, олеснувајќи ги болките и поттикнувајќи го варењето.

Пиментото содржи антиоксиданси, кои многу успешно се борат против слободните радикали, познати причинители за многу болести, а традиционално се користи во многу земји како лек против габични инфекции.

Компонентите во пименто можат да делуваат и како анестетик за да го умртват болното место. Растителните хемикалии танини кои ги содржи во себе ја олеснуваат болката предизвикана од артритис и од болни мускули. Во тие случаи е посебно ефикасен ако се користи во облик на облози или лековити бањи.

Пиментото може да ги убие микробите во храната кои предизвикуваат разни болести, па затоа може да се користи за чување намирници. Истражувањето спроведено во 2009 година ги покажало антимикробните својства на овој зачин. Тој заедно со циметот и каранфилчето градат масла кои се борат против бактериите салмонела, ешерихија коли и листерија. Истражувањата покажале дека маслата од сите овие три зачини ефикасно делуваат против овие патогени кои се раѓаат во храната. Во додатокот од ова истражување се вели и дека маслото од пиментото дури може и да спречи контаминација на храната со овие бактерии.

При купувањето пименто, исто како и кај црниот пипер се препорачува да се купува во зрна, никако во прав, бидејќи во тој случај постои можност да му се додаваат разни други мешавини за засилување на вкусот и аромата.

Употреба во кулинарството

Пименто е многу чест зачин во карипската кујна и е една од двете главни состојки на популарниот јамајкански зачин јерк кој се користи за маринирање на пилешко риба и други меса. Често се користи и во Индија и Блискиот исток како зачин за пилешкото со кари и во ориз. Во карипските земји неговата арома може да се препознае и во многу коктели и пијалоци.

Покрај сите овие употреби, пиментото се користи уште и за ублажување на непријатните миризби во домот.

Мерки на претпазливост

Пименто може да предизвика сериозни алергиски реакции кај хиперсензитивните луѓе. Консумирањето јадења со значително голема количина од овој зачин може да доведе до иритација на гастроинтестиналниот тракт, централниот нервен систем и до напади, ако се земат токсични дози.

Оние кои патат од чир на желдникот, колитис и други слични состојби, треба да го одбегнуваат пиментото во јадењата.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина