Консумирањето на житарки од цело зрно го намалува ризикот од развој на хронични, срцеви и шеќерни болести. Срцевите болести се најчеста причина за смртност во повеќето развиени земји, а зголемените вредности на холестерол во крвта е водечки фактор на ризик. Секое намалување на вкупниот серумски холестерол и ЛДЛ холестеролот (или лошиот холестерол) го намалува ризикот за коронарна болест. Промената на начинот на исхрана е секогаш прва линија на одбрана, а самостојно или со лекови за намалување на холестеролот, претставува сигурен и практичен пристап во лекувањето.

Препораката за правилна исхрана недвосмислено укажува на значењето од консумирањето житарки од цело зрно, кое се поврзува со намалениот ризик за развој од хронични болести, вклучувајќи ги и срцевите болести, пред се од коронарната болест, зголемениот крвен притисок, но и шеќерната болест тип 2. Се претпоставува дека поволните влијанија на житарките од цело зрно врз здравјето на луѓето се безбројни и во најголем дел се темелат на делувањето на диеталните влакна.

Иако карактеристичната исхрана на Европејците подразбира поевтини житарки, како што се пченицата, оризот и пченката, вниманието на научниците е насочено кон поволните влијанија на овесот (зобот), житарка која била многу популарна во исхраната на луѓето, но чие производство во последните децении е значително намалена. Овесот е житарка богата со протеини, витамини и минерали и е единствен извор на полифенолот авенантрамид. Резултатите од бројни студии покажуваат дека токму овесот содржи значајни количини на бета-глукан, растворливи диетални влакна на кои им се припишуваат поволни влијанија врз здравјето, како и дека консумирањето на три или повеќе грама на бета-глукан дневно доведува до намалување на вредностите на серумски маснотии – ЛДЛ холестерол, односно на вкупниот холестерол. Препорачаниот внос на бета-глукан може да се обезбеди преку различно подготвен овес и производи кои го содржат: овесни снегулки и сецкан овес, овесни трици и производи кои во себе содржат различни облици на овес мусли, житарки и каши, житни барови и други. Растворливиот бета-глукан во контакт со вода дава вискозен раствор, кој го зголемува чувството на ситост.

Европската комисија ја има дозволено употребата на здравствените изјави дека бета-глуканот придонесува за оддржување на нормалните вредности на холестеролот, и тоа за храната која содржи најмалку три грама бета-глукан од овесот ржаните трици, ржта или нивните мешавини во квантификована порција, со соопштение до потрошувачите дека поповолни здравствени ефекти се остваруваат преку дневно внесување на три грама бета-глукан, како и дека придонесуваат за намалувањето на ризик факторите за развој на коронарни срцеви болести доколку се задоволени претходните опишани услови.

Зголемувањето на култивацијата на овесот, примената на нови технологии кои ги чуваат нутритивните својства, трансформацијата на сировите зрна во вкусни и прифатливи прехранбени производи со зачувани здравствени вредности, како и комуникацијата со потрошувачите може да имаат силно влијание врз зголемувањето на потрошувачката на овие значајни житарки.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина