Хормонските промени, одделни лекови, но и повеќечасовното седење пред компјутер се одразува негативно врз солзниот дел на очите. Проблемот со суви очи најчесто се среќава кај постарите луѓе, посебно кај жените кои влегуваат во менопауза. Во тој период доаѓа до пад на нивото на женските полови хормони, а за намалување на лачењето на солзи во окото одговорно е намаленото ниво на тестостерон, машкиот полов хормон.

Песок во очите

По синдромот суво око се подразбира хроничен недостаток на течности во окото. Симптомите варираат од одвај забележливи, но константни иритации, до воспаленија на предните ткива на окото. Пациентите обично се жалат на чувство на сувост, пецкање, гребење и жежење во очите, што го опишуваат како имање песок во нив.

Солзите ја оддржуваат влажноста на очите, ја чистат прашината и другите нечистотии од нив, а содржат и ензими кои ги неутрализираат микроорганизмите. Кај сувите очи солзниот филм е нерамномерно распределен по рожницата, поради што светлината не може секогаш правилно да се прекршува, па доаѓа до минливо нарушување на острината на видот. Исто така, поради намалено лачење на солзи се зголемува ризикот од инфекции, кои го оштетуваат видот.

Спречете ја инфекцијата

Симптомите кои го следат синдромот на суви очи се доволни за поставување на дијагнозата, иако офталмолозите користат и т.н. Шимеров тест, со кој се мери количината на солзи во очите. Терапијата е воглавно насочена на ублажување на тегобите и спречување да дојде до инфекции на очите. За да се надомести влагата, се препорачува користење на вештачки солзи, кои можат да се набават во секоја аптека. Во лекувањето често се вклучуваат антибиотици, кои се неопходни за санирање на воспаленијата.

Непријатели на видот

Зголемен ризик од развој на синдромот на суви очи имаат сите жени кои се во минливо доба, посебно оние кои во рамките на некоја хормонска терапија земаат само естроген, оние кои се подложени на хемотерапија или кои патат од имунолошки нарушувања. Проблемот со намалено лачење на солзи се јавува како последица од користењето на антихистаминици, антидепресиви, како и лекови против зголемен крвен притисок, лупус или ревматски артритис. И долготрајното носење леќи често резултира во појава на синдром на суви очи. Од овој проблем не се поштедени ниту младите, посебно ако долго време минуваат пред компјутер или телевизор или ако долго време престојуваат во климатизирани или зачадени простории.

Лененото масло ги чува сувите очи

Во многу студии е докажано дека маслото од лененото семе, кое е богато со омега – 3 масни киселини, помага во ублажување на симптомот на суви очи. Ова масло се наоѓа во течен облик и во облик на таблети, кои треба да се пијат со многу вода за подобро да се апсорбираат.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина