Престанокот со пушење може да претставува вистински предизвик, но тоа е дефинитивно една од најдобрите нешта кои можете да ги направите за себе и за своето здравје. Веќе многупати имаме слушнато дека пушењето е опасно по здравјето, дека преставува водечка причина за карцином на респираторните органи (посебно на белите дробови) и дека го зголемува ризикот од добивање срцев удар, мозочен удар, респираторни болести, астма и некои други заболувања. Ако веќе одлуката за престанок на пушење не сте успејале да ја спроведете во дело и сте се обиделе и со никотински фластери и со таблети, но без успех, не се предавајте. Тука е хипнозата.

 

Што е хипноза?

Хипнозата се дефинира како променета состојба на свеста при која хипнотизираниот делува како да спие или дека е во транс. Клиничката хипноза се користи во третирање на бројни психички и физички проблеми. На пример, често се користи како помош кај пациенти за контрола на болката. Се користи и кај проблеми со прекумерната тежина, проблеми со говорот и зависностите.

Не е сосема сигурно како хипнозата делува, па постојат неколку различни теории. Едната смета дека во рекалсирана состојба се изострува концентрацијата и дека оние кои се хипнотизирани се повеќе поприемливи на сугестии во однос на будната состојба. Иако личноста се чини како да е во транс, таа сепак не е без свест и е сосема свесна за опкружувањето во кое се наоѓа. Треба да се нагласи нешто за хипнозата, и покрај она што сме дознале за неа преку настапите на маѓионичарите и забавните настапи – а тоа е дека хипнотизираниот никогаш не прави нешто што е спротивно на неговата волја. Истражувањата на активноста на мозокот покажуваат дека за време на сеансата со хипноза пациентите покажуваат високо ниво на невролошка активност.

 

Хипноза за пушачите

За време на сеансата, од пациентите често се бара да побараат да ги замислат сите непријатни последици од пушењето – како што се на пример болестите кои се јавуваат како последица од него. Хипнотерапевтот може на пациентот и да му сугерира дека чадот од цигарите има многу непријатна миризба (да речеме, на расипана риба) или дека пушењето ќе му остави непријатен вкус во устата.

 

Колку е сигурна хипнозата?

 

Генерално, хипнозата не е за секого. Се смета дека еден од четворица нема да ја прими сугестијата и дека хипнозата нема да делува на него. Дури и кога хипнозата е успешна – нивото на успешност варира од човек до човек. Резултатите од спроведените истражувања за хипнозата се прилично несигурни – студијата спроведена во 2001 година, објавена во The Journal of Dental Education заклучила дека половина од пациентите кои биле третирани со хипноза престанале да пушат во рок до 11 месеци. Меѓутоа, од друга страна, од American Cancer Society and National Cancer Institute изјавуваат дека делувањето на хипнозата на престанокот со пушење не е поткрепено со докази и дека освен хипнозата треба да се користат методи кои докажано делуваат на престанокот со пушење.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина