Од рана пролет до доцен мај ливадите и пасиштата ги краси со својата преубава жолта боја. Тоа е гороцветот, повеќегодишно зелјесто растение (лат. Adonis vernalis). Латинското име го има добиено по убавиот ловец Адонис од грчката митологија, додека vernalis открива дека цвет во рана пролет, па поради тоа и го сметаат за предвесник на ова годишно време. Гороцветот е уште познат и под името зајачки мак. Тој е исклучително лековито растение кое е заштитено во многу европски земји, па и кај нас. Расте ширум Европа, во европскиот дел на Русија и во западна Азија, на северен Кавказ и југозападен Сибир, Украина и на Крим. За лековити цели и препарати се собира надземниот дел од растението во време на цветањето. Собраните стебленца заедно со листовите и цветовите треба да се исушат веднаш во сенка, на провев или во сушарница, за да можат што повеќе да се зачуваат неговите благотворни состојки. Прецветаниот гороцвет е помалку лековит.

Лековити состојки има и коренот на гороцветот, кој исто така се собира во пролет, иако е подобро тоа да се прави на есен, бидејќи тогаш има најмногу активни материи. Извадениот корен прво се мие и веднаш се суши, на ист начин како и надземниот дел.

Гороцветот содржи во себе кардиотонични гликозиди, меѓу кои особено важни се адонитоксозидот и цимаринот, како и сапонини, флавоноиди, кумарин и фитостерин. Токму поради овие состојки гороцветот е со закон заштитен, бидејќи се употребува за изработка на лекови против срцеви заболувања. Состојките во исушениот гороцвет се исклучително средство за јакнење на срцевиот мускул. Освен што ја обновува загубената сила на срцето, го подобрува и крвотокот и делува кај срцеви едеми и го поттикнува мокрењето. Делува брзо и краткотрајно, нема кумулативно дејство и не создава навика. Многу ефикасен е и како седатив, а се користи и за лекување на невровегетативни пречки, несоница и епилепсија.
Гороцветот делува и кај Базедова болест, а во хомеопатијата се употребува за лекување хипертиреоза, воспаление на белите дробови, ангина пекторис и реума. Како кардиотоник се зема во вид на тинктура, прашок или во комбинација со други кардиотоници во облик на капки или дражеи. Познавачите тврдат дека се има покажано како ефикасен кај лесни до средно тешки декомпензации на срцето и други функционални срцеви тегоби.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина