Шипката од дамнина се смета за една од најдрагоцените растенија, бидејќи е преполна со големи количини на витамини, минерали, органски киселини и други биолошки активни материи. Распространета е низ цела Европа, но може да се најде и на другите континенти. Во нашите краеви е уште позната и под името дива ружа или дива шипка. Расте по грмушки, покрај шуми и патишта. Нејзините плодови се берат кон крајот на летото и во текот на есента, на убаво и суво време. Презреаниот плод на шипката содржи значително помалку корисни состојки и затоа треба да се берат исклучиво тврдите и црвено – портокаловите плодови. Свежата шипка е цврста, сочна, мазна и сјајно црвена, а сувата е тврда, црвено – кафеава и набрчкана. Има пријатен слаткасто – киселкаст, по малку опор вкус. Речиси сите народи во светот ја сметале од дамнина за лековито растение, од кое може да се користат листовите, цветот и плодот. Познатиот германски тревар Кербер уште во 16 век подготвувал прашок од шипка за јакнење на непцата, Русите во истиот период ја користеле за зараснување на рани, за болести на бубрезите и мочниот меур. Кинезите ја користеле за подобрување на варењето, додека на Тибет се користела за лекување на туберкулоза.

Шипката се користи како природен лек за лекување разни болести. Ова темноцрвено овошје се вбројува во најдрагоцено растение кое е полно со витамини, минерали и други органски соединенија. Во себе содржи витамини Ц, А, Е, Б – комплекс, од минералите има калиум, железо, селен, манган, манезиум, калциум, фосфор, сулфур, силициум и цинк. Содржи исто така и пектин, бета-каротен и лутеин, кои исто така се од голема важност за вашето здравје.

Здравствени предности на шипката

Превенција во борбата со ракот и хроничните болести: Шипката е позната како јак антиоксиданс кој помага во ослободување на тешките радикали во организмот. На сите нас ни е познато дека тие штетни материи влијаат негативно на здравите клетки. Недостигот на антиоксиданси во организмот доведува до зголемен ризик од можни појави на разни заболувања, како што се срцеви проблеми, прерано стареење и канцер. Антиоксидансите кои во себе ги има шипката се посебно значајни во превенцијата, бидејќи го одржуваат организмот здрав од секој агол.

Го намалува холестеролот: Некои од органските соединенија кои во себе ги има шипката влијаат врз намалувањето на маснотиите во крвта. Со нивното намалување се намалува и оптоварувањето на кардиоваскуларниот систем, а со самото тоа и ризикот од срцев и мозочен удар се сведува на минимум.

Јакнење на организмот: Шипката има импресивно високо ниво на витамин Ц во себе, кој е еден од најдобрите борци во јакнењето на имунитеот. Витаминот Ц исто така влијае позитивно на подобрувањето на работата на белите крвни зрнца, помага во превенцијата во борбата со астмата и респираторниот систем.

Го регулира нивото на шеќер во крвта: Ова чудотворно овошје се покажа како голем борец со дијабетесот, што е многу важно за луѓето кои боледуваат од оваа болест.

Нега на кожата: Жените ширум светот сакаат кожата да им изгледа поубава, млада, а притоа да не потрошат многу пари. На пазарот постојат многу прескапи креми, третмани за затегнување на кожата, но треба да знаете дека шипката е една од најдобрите опции. Шипката на природен начин ја затега кожата, ја враќа природната еластичност, помага во спречувањето на појавата на брчките и со самото тоа кожата изгледа помладо.

Ја подобрува циркулацијата: Шипката во себе содржи значајно високо ниво на железо, кое е од суштинска важност за создавањето на црвените крвни зрнца. Со редовна употреба на шипката во вашата исхрана можете да ја спречите анемијата и со самото тоа да ги снабдите клетките со потребниот кислород.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина