Несаканата реакција на лек (НРЛ) може да предизвика сериозни здравствени проблеми, а во многу случаи и да заврши со смртен исход кај пациентите. Во развиените земји, сериозните НРЛ се четврта причина за смртност. Постарите студии укажуваат дека од 10% до 20 % од пациентите кои се лекуваат болнички имаат една или повеќе епизоди на НРЛ, додека според најновите студии тој проблем се јавува кај околу 5% од пациентите. Во болница, стекнатите НРЛ го продолжуваат лекувањето за 8,25%, што доведува и до зголемување на вкупните трошоци за болничкото лекување за 20%.

Постои пракса на спонтано пријавување несакани дејства на лековите од оние кои се задолжени за фармаковигиланса, односно на оние кои се занимаваат со откривање на НРЛ и превенција. Иако во многу развиени земји се имаат откажано од оваа пракса, кај некои од послабо развиените земји овој метод и понатаму се применува, и покрај тоа што клиничките фармаколози се залагаат за малку поинаков пристап.

Од спонтаното пријавување на сомневање на непосакуваната реакција на лекот во многу држави се имаат откажано поради неефикасноста, бидејќи на овој начин се евидентираат за десет пати помалку несакани ефекти од терапијата во однос на она што е реалност. Системот на евиденција на несакани рекции на лекот во светот многу повеќе се потпира на нивната евиденција во електронските картони на пациентите, каде тие се дефинираат со дијагнози како шифрирани болести според 10-та ревизија на Меѓународната класификација на болести. Затоа е неопходно да се подобри дијагностицирањето и евидентирањето на несаканите ефекти на лекот. Тоа значи дека досегашната пракса на спонтано пријавување треба да се дополни со низа здравствени услуги во врска со причинско – последичното докажување на несаканите ефекти. Ова, секако, опфаќа и нивно евидентирање според 10-та ревизија на Меѓународната класификација на болестите.

Клучна улога во дијагнозата на НРЛ треба да имаат клиничните фармаколози, бидејќи тие се лиценцирани за таков вид на работа, а не фармацевтите, како што е многу чест случај. Имено, вообичаено е оние кои се задолжени за фармаковигиланса, односно откривање, проценка, разбирање и превенција на НРЛ и на други проблеми поврзани за лековите се токму фармацевти. Тие немаат лиценца за дијагностика и за лекување на болести, бидејќи на основните студии немаат слушано клинички медицински предмети.

За да можат сите несакани реакции на лековите да бидат познати и правилно евидентирани, неопходно е вклучување на пружање услуги за нивно каузално докажување во здравствените установи. На овој начин ќе биде возможно да се дојде до податоци за нивната вистинска застапеност, бројот на оние кои имаат несакани реакции и бројот на смртни случаи кои тие несакани реакции на самата терапија можат да ги предизвикаат.

Според дефиницијата на Светската здравствена организација, НРЛ немаат никаква врска со грешките во медикацијата, како што се предозирањето, погрешно пропишан или даден лек, замена на медикаментите, труење од лековите и сл. Кај одделни доктори, сепак, владее предрасуда дека клиничките фармаколози во болничките установи се ,,задолжени,, да вршат надзор над квалитетот на нивното работење во поглед на фармакотерапијата. За тоа придонесува и фактот дека на специјалистите по клиничка фармакологија не им се одобрени услугите според номенклатурата на здравствени услуги за секундарно и терцијално ниво на здравствени услуги шифрирани според клиничките специјалности.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина