Лицето открива многу за здравјето, од прехранбените навики до животниот стил

Испиено лице

Иако вежбањето е добро за организмот, претерувањето му штети. Лицето губи кислород, јагодиците се вдлабнуваат, а мускулите на лицето полека слабеат. Токму затоа се препорачува комбинирање на тренингот. Така, трчањето и возењето со велосипед најдобро се комбинираат со вежби за растегнување и обликување како што е јогата. Исто така, треба да се одбегнуваат цигари и масна храна и треба многу да се внимава со диетите кои имаат јо-јо ефект.

Надуено лице

Алкохолот предизвикува зголемено лачење на хормонот на стрес, кортизол, кој предизвикува насобирање масно ткиво на образите. Тоа остава впечаток на подуено лице. Алкохолните пијалоци богати со шеќер го забавуваат производството на колаген и ја намалуваат еластичноста. Лицето станува надуено, кожата виси, а мускулите го губат својот облик.

Брчки

Ситните брчки се последица од стареењето, но оние поголемите и посилно изразено се знак за преголема изложеност на сонце. Дерматолозите препорачауваат да се користат креми со заштитен фактор во текот на целата година, посебно во делот околу очите и на челото, бидејќи тука кожата е потенка и почувствителна.

Блед тен

Бледиот тен укажува на недоволно внесување овошје и зеленчук во исхраната. Зеленчукот содржи пигменти каротеноиди, кои и даваат на кожата здрава боја. Со само три порции на ден кожата ќе биде посјајна. Бледиот тен може да биде и последица од недоволна физичка активност. Крвните садови не добиваат доволно кислород, а со самото тоа кожата го губи здравиот сјај.

Темни дамки на вратот

Темните дамки на вратот можат да бидат показател за дијабетес тип 2. Тие се поврзуваат со високото ниво на инсулин во крвта, а ако не се лекува состојбата на време, може многу да се зголеми. Најдобро решение е строгата диета, која освен со проблемот со кожата ќе помогне и во контролата на шеќерот во крвта.

Уморна кожа

Премногу кафе може да ја излупи кожата и да предизвика црвенило. Така, ако секој ден пиете по три кафиња, се препорачува да се испие по една чаша вода, со цел да ја спречите дехидрацијата. Кофеинот, алкохолот и зачинетата храна можат да ја влошат генетската болест розацеа.

Освен кафе, причина за уморна кожа може да биде и ниското ниво на витамин Д, кој е одговорен за создавањето на нови клетки, а недостигот негов води до лупење и црвенило на кожата.

Акни

Иако врз акните повеќе влијае генетиката отколку животниот стил, стручњаците тврдат дека зголемената консумација на млечни производи и висока калорична исхрана можат да ја зголемат појавата на мозолки на лицето. Главен виновник е факторот на раст налик на инсулин, но се уште не е познато како делува.

Слично делување како млечните производи има и прехраната богата со протеини, а сиромашна со јагленохидрати. Протеините содржат аминокиселини кои влијаат врз производството на тестостерон, а со самото тоа и врз мастењето на кожата. Во контролата на акните помагаат омега-3 масните киселини, како и овошјето и зеленчукот.

Рани на аглите од усните

Недостигот од витамини Б и Ц е виновен за појавата на рани на аглите на усните. Витаминот Б има противоспалително делување, а витаминот Ц помага во брзото обновување. Во случај на испукани усни најдобро е во прехраната да се вклучат намирници богати со витамини, како што се гравот, пиперките, портокалите и житарките од цело зрно.

Подочници

Анемијата или недостигот на железо во крвта се почесто се поврзува со темните кругови под очите. Проблемот е чест кај вегетаријанците, бидејќи месото е главен извор на железо. Тоа помага во брзото обновување на кожата, а ако недостига, лицето ќе биде бледо и уморно. Поради замор се шират крвните садови, а бидејќи кожата под очите е чувствителна и тенка, тие стануваат видливи.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина