Оваа ливадска ,,убавицасо своите боцки обожава да се зафаќа за се што ќе се најде во нејзина близина, а е многу ценета во традиционалната медицина.

Двегодишниот корен на чичката се собира на пролет и во есен, листовите додека се млади, а семето откако ќе созрее. Коренот на чичката делува против отрови, го поттикнува лачењето на потта и урината и ја чисти крвта. Се користи за лекување на полови болести, сите видови на чиреви, гихт и застарени ревматски заболувања. Во традиционалната медицина, гнојните рани се мачкале со мешавина добиена од сув корен на чичка измелен во прав и помешан со маслиново масло.

Реумата се ублажува, пак, со напиток кој се добива од една супена лажива ситно исецкан корен и листови кои се варат во 0,5 литри вода, пет минути. Потоа се остава да отстои поклопен 10 – 15 минути и се процедува. Се пие наутро и навечер по две супени лажици.

Чичката е ефикасна и за ќелавост. Со чајот од нејзиниот корен добро се трие кожата на главата, а секој втор ден се мачка со масло од чичка. На овој начин се стимулира растот на косата. Чајот се подготвува така што во еден литар вода се вари една супена лажица исецкан корен од чичка. Кај опаѓање на косата, овој чај се меша во ист размер со јаболков оцет. Маста од коренот на чичката се препорачува за изгорена кожа, чиреви, рани и лишаи. Маста се добива така што коренот од чичак се чисти и се мие, се сецка на парченца и се истиснува така што да се добие повеќе сок. Потоа се меша со несолена, измиена и низ газа процедена свинска маст во размер да се добие густа кашеста маса. Маста се чува добро затворена во фрижидер, во керамички сад. Се нанесува на проблематичната кожа неколку пати на ден.

Младите листови од чичката се користат при воспаление на желудникот и надуеност и кај осипи, чиреви, гнојни рани и ранички во устата. Напивката се препорачува за жабуркање на усната шуплина наутро и навечер, по еден филџан. Се подготвува така што 10 грама суви листови се варат пет минути во еден литар врела вода.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина