Терапијата со плазма, уште позната како ПРП третман, е третман со крв богата со тромбоцити и исиот веќе со години предизвикува овации во научните кругови на регенеративната медицина. Според клиниката Да Винчи во Ајдховен, Холандија, овој третман може значително да го скрати периодот на рехабилитација, не остава лузни и може да биде алтернатива за оперативниот зафат. Револуционерноста на ПРП третманот е во тоа што ја поттикнува регенерацијата, а не репарацијата на ткивата, и е апсолутно безбеден за апикација. Поради брзината на делување и квалитетот на закрепнување на оштетеното ткиво, најмногу се применува во лекувањето на спортските повреди, хронични рани кои бавно зараснуваат, хронични болни состојби при воспаление на Ахиловата петица, тениски лакт или артроза на зглобовите.

Хит во регенеративната медицина

Стручњаците објаснуваат дека овој метод на лекување подразбира користење дел од плазмата кој содржи голема количина тромбоцити. Фактори на растот се природните протеини кои првенствено се наоѓаат во тромбоцитите. Кога овие фактори се дефицитарни или заробени, како кај хроничните рани, тие мора да бидат заменети или нивната активност мора да биде обновена. Одличен извор на природните фактори за раст е човековата плазма богата со тромбоцити. Самиот третман е многу безбеден затоа што се работи за автологен трансплант (од крвта на пациентот се концентрираат факторите за раст, кои потоа локално се аплицираат). Во зависност од клиничката слика, на пациентот од вените му се земаат помеѓу 60 и 150 милилитри крв. Оваа количина се става во резервоар на стерилен систем, од каде понатаму се обработува без никаква можност за заразување (контаминација). По обработката се добива плазма обогатена со тромбоцити во бараната концентрација и како таква се вбризгува локално во оштетеното ткиво. При примената на овој третман ретко се забележани несакани дејства. Со оглед на тоа што не постои можност да дојде до алергиски реакции (автологен трансплант), несаканите дејства најчесто се во облик на црвенило и помали хематоми на местото на апликација.

Кои се ограничувањата?

Според докторите, оние кои се подложуваат на ПРП третманот не смеат да користат нестероидни антиинфламаторни лекови (бруфен, ибупрофен, аналгин…) и кортикостероиди. Исто така, на овој третман не смее да се подложуваат пациентите кои имаат малигни заболувања и системски заболувања на крвта. По терапијата исклучени се сите лекови најмалку седум дена. Ако пациентот како редовна терапија користи некаква терапија, треба да се консултира со својот доктор. Кај спортските повреди кои се третирани со ПРП неопходно е мирување минимум од три до седум дена, а потоа може постепено да се започне со тренинг. Како што кажавме, пожелно е пациентот кој ќе се подложи на овој третман не користи никакви лекови, освен оние со срцеви заболувања, на кои тоа им е редовна терапија. ПРП помага во обнова на пукнати мускули, при зараснување хронични рани, кај хронично воспаление на мускулно – тетивниот апарат, болни состојби на стапалата и зглобовите, лумбоишиалгија, синдром ,,Фасет,,, болни состојби на вратот и половината, повреди на нервите, естетска ортопедија и забрзани зараснувања на скршеници.

Примена во естетиката

Покрај регенерација на повредените ткива, плазмата богата со тромбоцити се користи и во естетско – козметички цели за подмладување на кожата на лицето и на вратот и стимулација на растот на косата.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина