Колку нивото на стрес е поттикнувач на булимија?
Мозокот на оние кои имаат проблеми со булимија реагира сосема поинаку на храната кога е под стрес од мозокот на другите луѓе, тврди група психолози од Вашингтон, чија студија е објавена во Journal of Abnormal Psyhology. Во помала студија за време на која биле скенирани мозоците на дваесет жени, т.е. десет со булимија и десет без овој проблем, истражувачите откриле намален проток на крв кај оние со булимија во делот од мозокот вклучен во самокритичното однесување. Ова откритие се поклопува со тврдењето дека кај овие луѓе храната е нешто како средство за одбегнување на негативните мисли за себе. Булимијата обично подразбира дека личноста се прејадуваa, a потоа се “прочистува”, преку предизвикување повраќање. Се смета за нарушување во исхраната и за состојба во која болниот има сосема искривен став кон храната и телото.
Психолозите веќе подолго време мислат дека стресот е поттикнувач на прејадувањето и дека тоа им дава на болните од булимија можност да се фокусираат на храната, наместо на негативните мисли за себе. Ова е прва студија која истражувала што точно се случува во мозокот кај болни од булимија. За време на студијата, на испитаниците им биле давани идентични оброци, за потоа да им се прикажуваатe неутрални фотографии со слатки и со брза храна, како што се сладолед, пица и мафини. За да ги доведат во состојба на стрес, научниците потоа им давале да решаваат невозможни математички проблеми, a потоа пак им прикажувале фотографии со слатки и со брза храна. Тогаш им побарале да го оценат нивото на стрес и нивото на желба за таа специфична храна. И, додека сите испитаници тврделе дека им се менувало нивото на стрес, скенерот на мозокот покажал различни резултати.
Испитаниците со булимија имале намален проток на крвта во делот од мозокот под името precuneus (кој се занимава со рефлексијата за себе) и тоа додека гледале во фотографии со храна, додека жените кои немале булимија имале зголемување на протокот на крвта. Сара Фишер, ко-авторка на студијата и професорка на универзитетот Џорџ Мејсон, вели дека научниците очекувале да се зголеми протокот на крвта во таа регија кога ќе се вклучи самокритиката или самонабљудувањето покрај негативните мисли. Во друга студија, во која учествувале седумнаесет други жени со булимија, резултатот бил ист како и кај првата студија.
Истражувачите тврдат дека намалувањето на протокот на крвта е знак дека размислувањето за храната ги смирува негативните мисли за себе кај оние кои боледуваат од булимија. Докторите веруваат дека ова откритие би можело да помогне во контролата на прејадувањето.
– Откривме дека не е потребно многу стрес за да се поттикне прејадувањето – рекла докторка Фишер, додавајќи – Би сакала да видам дали би помогннало кај некои луѓе за да ги научат вештините за основно контролирање на емоциите.