Вежбањето ќе им помогне на трудниците да го подготват дополнително телото за промените кои следат, за породувањето и подоцна, за подобро закрепнување после него. А бебето ќе ги почувствува бенефитите кои ги носи вежбањето.

Додека порано голем број стручњаци сметаа дека психичкиот живот на детето почнува дури по раѓањето, денес работите изгледаат поинаку. Научните резултати потврдуваат дека детето додека е уште во утробата на мајката е способно за доживувања и учења. Ова е од исклучителна важност, бидејќи преку движењето тоа се стекнува со сензомоторни искуства, бидејќи секое негово движење го подготвува за идниот живот вон матката. Значи, за детето знаеме дека активно се подготвува за породувањето и новите предизвици, па се поставува прашањето како мајката може да придонесе за неговиот равој? Благодетите од вежбањето на идната мајка им се познати на многумина, но не се познати влијанијата што вежбите ги имаат врз детето. Во минатото многу се расправало токму за ова влијание, па се имаат создадени многу теории и митови. Со разни истражувања се откриени многу позитивни ефекти од него – се подобрува циркулацијата во целото тело на мајката, се подобрува нејзината физичка кондиција и слободното дишење за време на целата бременост. Сите овие се позитивни фактори за непречен развој на детето.

Бебето во стомакот е добро заштитено и умереното вежбање не може да му наштети. Напротив, за време на вежбањето во мозокот на детето доаѓа вишок кислород, кој може да влијае врз развојот на неговиот мозок. Вежбањето исто така го подига нивото на сератонинот, допаминот и други невротрансмитери, кои се исклучителни важни за развојот на помнењето и вниманието. Во некои истражувања, научниците откриле дека мозокот на децата чии мајки вежбале за време на бременоста значително побрзо се развивал по породувањето. Понатаму, повеќето истражувања покажуваат минимално или умерено зголемување на срцевите вредности на фетусот за 10 – 30 срцеви отчукувања во минута за време на телесните активности на мајката, па така вежбаат заедно и мајката и детето.

Влијанието на вежбањето врз родилната тежина на детето

Неактивноста или претераното вежбање се потенцијално штетни за снабдувањето на потребите на фетусот. Досегашните истражувања покажуваат дека прекумерната телесна тежина или недоволната исхрана на идната мајка, покрај напорната телесна работа, која е врзана за тешка работа со стоење на нозе, може да предизвика ограничен раст на детето или да делува негативно на исходот на бременоста. Понатаму, потврдено е дека за забавување на растот на детето, покрај тешката работа и лошата исхрана, постојат и други негативни фактори. Ако исхраната на трудницата е избалансирана, а тренинзите се стручно и правилно водени, тогаш вежбањето може да има само позитивни исходи.

Многу жени живеат во уверување дека со вежбањето ќе поттикнат предвремно породување. Но, разни истражувања го покажуваат токму спротивното и дека тоа има само позитивен ефект на исходот на бременоста. Важно е само мајките да вежбаат во контролирани услови, да бидат едуцирани за ограничувањата и препораките на вежбањето и да состават индивидуални програми за вежбање и правилно дозирање на вежбите. Секоја трудница треба да ги знае правилните пози за време на вежбањето и тоа да биде прилагодено на индивидуалните потреби.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина