Докажано е дека кофеинот во помали количини дава здравствени бенефити во организмот, но во поголеми количини може да биде опасен по сонот и здравјето. Стручњаците сметаат дека 100 милиграми кофеин дневно е „полна доза“ за младите, a поединци кои консумираат и до 500 милиграми кофеин дневно низ разни напитоци – го доведуваат своето здравје во опасност. Исто така, треба да се знае дека 10 грама кофеин можат да бидат фатални за организмот.

 

Обично кога сметаме колку кофеин сме внесле во организмот мислиме на кафето, понекогаш и на чајот, a често не сме свесни дека кофеин има и во многу други напитоци и храна (чај, ред-бул, чоколада, гварана, енергетски напитоци, некои лекови, па дури и некои пива…), па кога ќе се собере сето тоа, количините можат да бидат големи. Колку кофеин содржи некој пијалок – многу е важно, но исто така е важно и колку во текот на денот сме испиле од тој пијалок како и кои се други напитоци кои содржат кофеин.

 

Просечни дози

 

Просечните дози на кофеин во ,,нормална,, доза, шолја – лименка, можат да бидат различни, бидејќи тоа зависи од големината на амбалажата, но и од јачината на напитокот:

 

  • Газирана кока-кола – едно шишенце – лименка (околу 350 мл.): 20-40 мг.
  • Леден чај – едно шишенце – чаша (околу 200 мл.): 5-50 мг.
  • Црн или зелен чај – една шолја (околу 200 мл.): 10-60 мг.
  • Еспресо, една шолјичка (околу 30 мл.): 40-100 мг.
  • Енергетски бонбони (1 парче): 50-100 мг.
  • Домашно кафе, една шолјица (30-50 мл.): 80-120 мг.
  • Топла чоколада, една шолја (околу 180 мл.): 100-120 мг.
  • Нес-кафе и слични напитоци со млеко или без млеко, една шолја (околу 200 мл.): 20-150 мг.
  • Некои лекови (1 таблета): 40-160 мг.
  • Разни видови нови пива, популарни во Америка (околу 200 мл): 60-160 мг.
  • Млечна и темна чоколада (околу 100 гр.): 20-350 мг.
  • Енергетски пијалоци, една лименка (околу 240 мл): 80-400 мг.

Кофеин има дури и во некои пилули за слабеење.

 

Предупредувања

 

Реакциите на кофеин се разликуваат од човек до човек. На некои им помага да останат будни и да работат нешто, на некои им смета за мирен сон, а може да влијае на органите за варење и работата на срцето. Кофеинот може да се задржи во организмот и до 30 часа кај оние жени кои земаат орална контрацепција, кај бремените жени, фетусот во развој, малите деца и кај оние кои имаат болест на црниот дроб, што ја зголемува нивната здравствена загрозеност.

 

Секојдневното консумирање на големи количини кафе кај оние со одреден генетски профил може да го зголеми ризикот од инфаркт. Оние, пак, кои имаат побавен метаболизам на кофеинот поради секојдневното консумирање на повеќе од 4 филџани кафе, имаат за 65% поголем ризик од инфаркт.

 

Во метаболизмот на кофеинот во најголема мерка учествуваат ензимите од црниот дроб, а варијантите на гените кои ја контролираат активноста на овие ензими можат да го забават или забрзаат метаболизмот на кофеинот во организмот. Некои истражувања упатуваат на поврзаноста на кофеинот со неплодноста и со пометнувањата. Таквата состојба е утврдена кај трудниците кои пиеле поголем број филџани кафе на ден.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина