Предвремено родените бебиња, кои се исклучиво доени и кои со родителите константно остварувале контакт кожа на кожа подоцна ќе бидат попаметни, ќе имаат поголеми плати и помалку стресен живот во однос на оние бебиња кои цело време биле во инкубатор, покажала најновата студија која е објавена оваа недела. Во истражувањето учествувале млади од 18 до 20 години кои се родени пред терминот, а кои биле во инкубатор или имале контакт со мајката, т.н. кенгур метод. Кенгур методот подразбира поставување на бебето во кенгур положба на мајчините гради што е можно поскоро по породувањето, исклучиво со доење. Во тој случај, важно е мајката и бебето што поскоро да ја напуштат болницата, а потоа една година се под строг надзор од страна на стручњаци.

Истражувачите испитувале 264 луѓе кои по раѓањето тежеле 1.800 грама и утврдиле дека кенгур методот игра значајна улога во заштитата од прерана смрт. Стапката на смртност меѓу бебињата кои биле во инкубатор била 7,7%, додека таа стапка кај бебињата за кои се грижеле со кенгур методот била 3,5%. Освен тоа, откриени се и бројни други предности, како што се значително подобар развој на мозокот,  подобар семеен живот, помала агресивност и хиперактивност.

“Оваа студија покажува дека кенгур методот влијае на општественото однесување и односите 20 години по раѓањето“, рекла Натали Чапрак од Здруженито Кенгур во Богота.

Според податоците од Светската здравствена организација, едно од 10 бебиња во светот се раѓа недоносено. Многу од оние кои ќе преживејат имаат одреден вид на инвалидитет, вклучувајќи потешкотии во учењето и проблеми со видот и слухот. Доктор Петер Сингер истакнува дека во земјите во развој, каде инкубаорите се реткост или не се сигурни, кенгур методот може да ги спаси животите на многу бебиња.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина