srcevudar_nasl

Инфарктот на миокардот често зема животи, а нашето тело скоро секогаш не алармира за опасност додека сеуште има време за реагирање.

Стресот, недоволната физичка активност и неправилната исхрана се само некои од главните причини за тоа зошто инфарктот на миокардот е болест која се јавува и кај младите луѓе. Кардиолозите предупредуваат дека навремената посета кај лекарот спасува живот, а болката во градите, наглото испотување, малаксаноста, мачнината, повраќањето, силното чукање на срцето, неможноста да се земе здив и гушењето укажуваат на можна појава на инфаркт.

Болката во градите е најчестиот и најзначајниот симптом кој укажува на акутниот инфаркт на миокардот. Таа болка е силна и може долго да трае, дури повеќе и од 30 минути, па и до неколку часа. Човекот има чувство како некој да го стега, притиска или прободува. Болката се шири од средината на градите кон целиот граден кош, па и левата рака, вратот и поретко накај абдоменот.

Кардиолозите предупредуваат и на тоа дека иако болката често следи заедно со препотувањето, малаксаноста, мачнината, во 15 до 20 отсто од случаевите на инфаркт, болката изостанува, особено кај жените и личностите заболени од дијабетис.

Кај хронично болните, симптомите на инфаркт се различни. За разлика од болките во градите кои повремено ги чувствуваат, да речеме болните од ангина пекторис, инфарктната болка трае подолго, посилна е и следена е со препотување. Тегобите не престануваат по одморот и внесувањето на нитроглицерин под јазикот, а можат да се јават и при напор, после стрес, но и во мирување.

Кога еден заболен ќе ги почувствува овие симптоми, а знае дека има ангина пекторис или веќе прележал инфаркт на миокардот, според советите на кардиолозите, треба да земе таблета аспирин и нитроглицерин под јазикот. Секако, во случај на тегоби со продолжено траење, заболениот треба веднап да се јави во најблиската здравствена установа или службата за брза помош за на време да се направи електрокардиограм и да се постави дијагноза на акутен коронатен синдром, односно нестабилна ангина пекторис или акутен инфатркт на миокардот. Тоа се однесува на повозрасната популација, но и на помладите од 40 години кај кои се се повеќе присутни факторите на ризик заради начинот на живот.

Инфарктот на миокардот може дополнително да се искомплицира поради загрозувачки пореметувања во срцевите ритмички отчукувања, а болеста долгорочно може да се искомплицира и заради настанување на хронична срцева слабост.

Кога да се обратите кај лекар?

-во случај на појава на болки во градите при напор или во мирување

– во случај на слаба толеранција на физички напор

-во случај на гушење

Симптоми на срцев удар

  • Болки во градите

  • Болки во левата рака, вратот, стомакот

  • Препотување

  • Исцрпеност

  • Гадење

  • Повраќање

  • Лупање на срцето

  • Криза на свеста

  • Останување без здив

  • Гушење

Превенција

  • Намалување на стресот

  • Нормализирање на зголемениот крвен притисок

  • Нормализирање на зголемениот холестерол и триглицериди

  • Нормализирање на шеќерот во крвта

  • Намалување на телесната тежина

  • Промена во начинот на исхрана, во која треба да се воведат антиоксиданси

  • Подобрување на имунитетот

  • Да се престане со пушење

  • Повеќе движење

  • Најмалку еднаш годишно да се оди на кардиолошки преглед

  • Доколку почиствувате болки во градите и симптоми на срцев удар, напијте се аспирин и ставете нитроглицерин под јазикот