Модерното општество донесе и неколку опасни психички заболувања. Едно од нив е анорексијата, кое најчесто се јавува кај младата женска популација, а проследена е со опсесивна потреба за намалување на физичката тежина.

Болеста започнува уште во детството, а симптомите се појавуваат со влегување во адолесценцијата, веќе во периодот од 12 до 14 година. Во последно време се јавува и кај постари, на 25 – годишна возраст. Најновите студии покажуваат дека постои генетска предиспозиција, односно дека болеста се наследува како депресијата. Дали некој ќе се разболи или не, зависи од структурата на личноста, темпераментот, карактерот на личноста или семејната ситуација. Не постои една причина, туку сите овие фактори мора да се ,,поклопат“. Непосреден ,,поттикнувач,, за нејзиниот почеток може да биде и една обична екскурзија, летување, односно одделување од семејството, па се до смрт или тешка болест на близок, загуба на родителите, лоши оценки на училиште, некогаш и прекинување на емотивна врска, порачуваат докторите.

Постојат два вида на анорексија. Кај рестриктивниот облик на анорексија, болните гладуваат или јадат многу малку и одбегнуваат да јадат се што им се чини дека дебелее. Вториот вид е булимичниот вид, кој подразбира воздржување од храна, но одвреме – навреме има и прејадување. По прејадувањето следува повраќање. Болните понекогаш тоа го прават дури и по внесувањето на помала количина на намирници. Девојките со булимија имаат нормална телесна тежина и циклус, додека анорексичните губат повеќе до 25% од телесната тежина, а им изостанува менструацијата. Родителите треба да обратат посебно внимание ако девојчето до вчера јадело чоколада и чипс, а потоа одеднаш одлучуваат да се хранат ,,здраво,,, па ги ,,исфрлаат,, слатките, лебот, сирењето, тестенините и сето она кое мислат дека дебелее. Треба да обратат внимание и кога се жалат на мачнини пред или по јадење, дека порциите им се преголеми, ако ја сечат храната на ситни парченца или ако оброците им траат долго, посебно доколку ги присилуваат да јадат. Лош знак е и ако одбегнуваат да јадат, велејќи дека јаделе на училиште или кај другарка. Некои од нив почнуваат да вежбаат, често веднаш по оброк, само да ги потрошат калориите, јадат во соба, се кријат… Ако сето ова е проследено со губење на тежината, во прашање се јасни сигнали за анорексија и треба да се посети доктор. Жртвите на овие болести се гледаат себеси како дебели, а всушност се преслаби. Кога некој е хронично изгладнет, нема адекватна способност за резонирање. Анорексијата е слична на фобија, а основниот симптом е страв од храна или дебелина. Како што некој се плаши од лифт или авион, па ги одбегнува, така и тие не јадат за да не се изложуваат на страв. Важно е родителот да не го сфаќа сето ова како хир на детето или безобразлук, туку веднаш да го прати на лекување. Болните од анорексија не ја прифаќаат дијагнозата. Тие не мислат дека се болни и дека им е потребна помош. Булимичните се срамат од болеста, но анорексичните се гордеат со неа, колку и да звучи тоа парадоксално. Таа им дава надмоќ над сопственото тело, а со тоа и над околината, додека под сето тоа се крие огромен страв, вина и депресивност.

Лекувањето од анорексија во просек трае од две до шест години и може да биде амбулатно и хоспитално. Сместувањето во болница е неопходно кога пациентот има многу мала тежина, па потребно е телото да закрепне што побрзо. Првиот чекор во лекувањето е да се променат навиките во исхраната, да се воведат оброци, да се намали физичката активност и да се престане си повраќањето. Кога ќе се поправи тежината, на ред доаѓа психотерапијата и работење на причините кои довеле до болеста, како што е мала самодоверба, несигурноста… Сето тоа оди многу постепено и макотрпно. Со нив се разговара за начинот на кој се доживуваат себеси и околината, за нивниот однос со мајката и семејството. Целта е да го разберат своето однесување, затоа што сето она што го прават со храната е симптом, а причините се нешто друго. Потребно е да сфатат што им се случува и од каде поттекнува тоа. Поради отпорот кој го имаат кон терапевтот и кон самото лекување, овие пациенти се многу проблематични. Затоа е многу важно да се започне со лекувањето во рана фаза.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина