Менопаузата не е болест, туку природна состојба на организмот, во зависност од големиот број физиолошки, културолошки и социо – економски причинители. Менопаузата е појава во животот на секоја зрела жена, пропратена со бројни телесни и психички промени. Помеѓу 40 и 60 година, секоја жена во некој момент ги почувствува симптомите кои, според манифестирањето, можеме да ги сместиме во оние налик на депресијата, иритабилноста, несоницата, промените на расположението, намалено либидо и напади од бранови топлина. Периодот во кој се појавуваат тие симптоми се викаат предменопауза (или перименопауза), а подоцна и менопауза (или постменопауза).

Научниците од јапонскиот Универзитет во Токио спровеле истражување со кое потврдиле дека две чаши сок од домати дневно ги олеснуваат здравствените тегоби кои се јавуваат во периодот на менопаузата. Студијата која со група автори ја објавил Масаказу Тераучи, од Медицинскиот факултет во Токио, во март 2015 година, покажува дека сокот од домати ги олеснува тегобите за време на менопаузата. Ефикасно дејство сокот имал како врз вкупната потрошувачка на енергијата, кога телото не се ангажира во физички активности – Resting Energy Expenditure (REE), што е инаку фактор поврзан со брзината на метаболизмот, така и врз психичките тегоби, како што е анкциозноста. Истражувањето било спроведувано осум недели, а во него учествувале 93 жени во менопауза. Оние жени кои дневно консумирале по две чаши од по 200 милилитри сок имале значително помали проблеми со тегоби, нервоза, повишена температура и други тегоби кои се јавуваат во менопаузата. Јапонските научници исто така тврдат дека сокот од домати го поттикнува согорувањето на калориите и ги отстранува проблемите со холестеролот. Добиените резултати биле објавени во научното списание “Nutrition Journal”.

Кога жената влегува во фазата на перименопауза, која води до менопауза, нивото на естроген и прогестерон флуктуира. Затоа доаѓа до симптоми како што се бранови топлина (валунзи), но и зголемена телесна тежина и ноќно потење. Стресот може да ги засили овие тегоби.

Зошто доматот помага?

1. Витамин Б6

Доматот содржи значајна доза на витаминот Б6, кој е витално важен за рамнотежа на естрогенот и прогестеронот. Токму во фазите кога овие хормони се вон баланс, ни станува тешко да ги контролираме симптомите на менопаузата.

2. Вишок килограми

Во фазата на предменопауза, количината енергија потребна на женското тело, кое не е физичко активно, се намалува за околу 400 калории дневно. Токму овој факт објаснува зошто жената одеднаш добива на тежина, иако не ги сменила навиките во исхраната. Проблемот не лежи во тоа што точно јаде таа, туку во тоа што на телото не му е потребна иста количина калории како во младоста. Студијата од истражувачите, на чело на Масаказу Тераучи покажала дека токму доматот го зголемува нивото на енергијата потребна на женското тело кое не е физичко активно.

3. Антиоксидансот ликопен

Психолошките симптоми кои преовладуваат пред, за и по менопаузата, можат да бидат во врска со оксидативниот стрес. Во наведената студија се истакнува значењето на антиоксидативното дејство на ликопенот, моќна состојка во доматот, кој ја има повеќе во него, отколку во свежите намирници. Смирувањето на стресот резултира во спречување на валунзите.

4. Доматот против триглицеридите

Женското здравје е загрозено и по менопаузата, поради зголемената тежина која го следи ризикот на зголемените триглицериди во крвта. Сокот од домати го забрзува метаболизмот и го снижува холестеролот.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина