Ферментација претставува бавен процес на декомпозиција (разградување) на одделни компоненти (најчесто јагленоходратите), под влијание на карактеристична микрофлора, при добивање на состојки како што се оцетна киселина, млечна киселина, алкохол и др. Под микрофлора се подразбираат бактериите при вриење на виното, сината мувла кај сирењата, бактериите кај млечно – киселото вриење кај млекото и т.н.. Таа микрофлора, преку делување на нејзините ензими, им дава карактеристична миризба и вкус на намирниците, кои во таа состојба можат да се одржуваат подолго време, до неколку месеци. Се работи за анаеробен процес при кој доаѓа до деградација на природните молекули, како што е гликозата.

 

Влијанието на ферментираната храна врз здравјето

Ферментираната храна има низа благодети за здравјето. Посебно е важна за оние кои се хранат според правилата на палео исхраната. Тука особено се истакнуваат научните и медицинските благодети од овој вид на храна. Сите водичи на палео исхраната истакнуваат како нашите предци консумирале мед, овошје и зеленчук и нивните сокови кои биле подложни на природна микробна ферментација. Ферментираните намирници имаат способност да ги засилуваат психичките стимулации, аналгетските својства, својствата на седативите како и уште многу други позитивни функции. Во исто време, класичната исхрана влијае негативно врз човековата микрофлора, а во комбинација со неактивниот начин на живот и недостигот од спиење доведува до низа негативни промени во здравјето: психички попречувања, депресии, дијабетес, метаболички синдроми и сл.

Микробите присутни во ферментираните намирници ја намалуваат анкциозноста, го намалуваат влијанието на стресот врз здравјето и со тоа го подобруваат целокупното ментално здравје. Мозочниот неуротрофичен фактор (BDNF) може да порасне со посредство на исхрана која е богата со ферментирани намирници – BDNF се наоѓа во делови од мозокот во кои се контролира апетитот, внесувањето течности и контролата на телесната тежина, што го прави овој фактор значаен во нивното регулирање. Исто така, ферментираната храна ги намалува воспалителните процеси во организмот и нивото на оксидативен стрес. Прехранбените навики значително влијаат врз целокупното здравје: како физички, така и психички. Токму поради процесот низ кој поминува, ферментираната храна има низок процент  на шеќер, што ги подобрува когнитивните функции, а долгорочно ја намалува опасноста за настанок на дијабетес.

Ферментираните намирници влијаат врз цревната микрофлора, која е пак важна за созревање на имунолошкиот систем, за развој на нормална цревна морфологија, одбрана од алергени и превенција од прицврстување на патогени микроорганизми. Уште повеќе, научниците ги имаат доведено во врска (нивната поврзаност) нивото на микроби во цревата со аутизмот, а со ферментираната исхрана ги имаат докажано позитивните ефекти од забавувањето од настанување на разни невролошки нарушувања. Тие се богати со ензими кои помагаат во процесот на разградување на храната, обезбедуваат изградба на силен имунитет и здраво варење, помагаат да се детоксифицира организмот, помагаат во активната борба против алергиите, ги јакнат ѕидовите на цревата, помагаат во борбата против некои габични инфекции, кожни заболувања, ја регулираат телесната тежина и штетните масти во крвта, помагаат за постигнување здрава и чиста кожа, му помагаат на организмот полесно да се откаже од слатките и од прекумерното консумирање на храна богата со едноставни јагленохидрати.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина