Бенигните цисти на дојките се многу чест женски проблем, а нивната појава се поврзува со нездравиот и стресен начин на живот. Статистичките податоци покажуваат дека најголем број припадници на понежниот пол бележат промена на дојките во репродуктивниот период, по 30 -та година од животот, иако тие можат да се појават во било кој период од животот. Повеќето од нив настануваа спонтано по менопаузата. Со оглед на тоа што исхраната и стресниот начин на живот имаат големо влијание врз настанокот на овие бенигни промени, со самото тоа промената на животниот стил може да се влијае на нивното лекување, но и на превенцијата.

Познато е дека лековитите растенија имаат долга и успешна традиција во лекувањето на бенигните промени на дојките и нив никако не треба да ги занемаруваме, иако од порано е познато дека водените цисти на дојките ретко прераснуваат во рак.

Како да се препознаат цистите на дојка – симптоми?

Голем број цисти се појавуваат без никакви симптоми, па се откриваат случајно, со редовен ултразвучен преглед. Исто така, жените сами со преглед можат да напипаат јазли во дојките, што најчесто предизвикува кај повеќето од нив вознемиреност и страв од рак. Меѓутоа, во најголем број од случаите со ултразвукот се потврдува дали се работи за бенигни цисти на дојките. При допир тие се меки, мазни и подвижни, но ако се многу исполнети со течности можат да бидат многу цврсти на допир.

Големината на цистите варира во текот на менструалниот циклус

Напоменавме дека промените на дојката во текот на репродуктивниот период (по 30 -та година) се далеку почести, но тоа не треба премногу да вознемирува. Ваквите цисти на дојките се безопасни, бидејќи многу ретко преоѓаат во рак на дојката, но ако пораснат, можат да бидат болни и непријатни.

Во случај на мали промени лекување не е потребно, додека кај оние поголемите се препорачува пунктирање на цистата, со цел да се ублажи болката, а во одделни случаи докторот може да предложи и нивно хируршко отстранување.

Какво е влијанието на хормоните?

Ткивото на дојките е многу чувствително на влијанието од половите хормони кои ги лачат јајчниците. Нивното ниво во репродуктивнот период варира во текот на месецот. Кога некои делови од ткивото нема да успејат на соодветен начин да ја проследат хормонската активност, доаѓа до нарушување во него и до развивање на локален оток. Деловите од каналчето се шират и сврзното ткиво се таложи, што на крај резултира со појавата на ,,плоча,, и ,,грутчиња,, Промените на градите најчесто се лоцирани под алвеолата или околу неа, како и во надворешните горни квадранти на дојките.

Каква исхрана се препорачува против цистите

Како главен поттикнувач за нивното настанување најчесто се наведува стресот и брзиот начин на живот. Притоа, значајна улога има има и храната која ја јадеме. Ако постојано јадете готова храна и од нога, време е да го смените тоа. Пред се, треба да се одбегнуваат маснотии од намирниците од животинско потекло, како и рафинирани јагленохидрати, кои се штетни, шеќер и бело брашно. Треба да се консумират карфиол, брокула, кељ, прокељ, барем еднаш неделно, и тоа задолжително доколку веќе е дијагностицирана циста на дојките. Овој скапоцен зеленчук содржи индол-3-карбинол, кој докажано ја намалува способноста за сврзување на естрогенот за ткивото на дојката и спречува да се појават сериозни хормонски предизвикани малигни заболувања. На многу жени им се препорачуваат природните антиоксиданси, како што се витамините Е и Ц, бета каротен како и омега – 3 масни киселини. Препорачливо е да се намали внесувањето на кофеин и да се исфрли алкохолот.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина