Жуљевите (лат. kalusi) се тенки, но цврсти слоеви кожа кои се создаваат кога кожата сака да се заштити. Било да се занимавате со спорт, посебно со трчање, жуљевите се неминовна појава. Многу се непријатни, честопати се болни и го отежнуваат одењето во следните неколку денови. За да се одбегне оваа непријатна појава, треба да се знаат неколку нешта за жуљевите.

Жуљевите најчесто се создаваат на табаните, прстите на дланките и стапалата, можат да бидат помалку или повеќе испапчени. Фактори на ризик се постоење на егзостос на коските ,,чекасти,, прсти, деформитети на стапалата и неносење заштитна облека на рацете при работење. Лекувањето се состои од одбегнување на повторливо триење и притисок на местото каде се развива жуљот, користење адекватна облека и заштитни средства, како и ортопедски влошки.

Ако овие мерки не се доволни, жуљевите можат постепено да се отстрануваат со истенчување на наслагите со скалпел, користење хемиски срества со салицилна киселина, а ако дојде до инфекции може да се нанесуваат локални антибиотици.

Секој од нас барем еднаш во живото имал жуљ. Не е јасно од што патиме повеќе: од самиот жуљ или од неговиот грд изглед. Жуљеви се добиваат од носење нови или неудобни чевли и работејќи без ракавици. Но, не се обидувајте да ги продупчите, зашто може да ги инфицирате. Ако е можно, ставете завој на него. Кога ќе пукне, чистете го редовно додека не заздрави во целост. Жуљевите почесто се појавуваат на влажна кожа, па ако се потите почесто, менувајте ги почесто чорапите.

 

Со растенија во борба против жуљевите

 

1. Алое вера (лат. Aloe vera barbadensis)
Сокот од растението алое вера е одличен природен лек против жуљеви.
Aloe vera barbadensis е растение кое може дури и дома да се одгледува. Тоа е одлично поради своите чудесни способности да зацелува рани, изгореници, исеченици и жуљеви. Кога ќе се скине едно парче алое вера, од него потекува сок. Соберете го и со него мачкајте ги жуљевите. За долгорочно користење подгответе масло од алое вера на следниов начин: Откинете неколку листови алое вера, насецкајте ги и ставете ги во стаклено шише. Прелијте ги со маслиново масло и оставсте ги да отстои 60 дена. Потоа процедете ги. Маслото држете го затворено добро во темна просторија. Ова масло може да се користи за лекување изгореници, кожен осип и жуљеви.

2. Жолтика (лат. Berberis vulgaris)
Ако ви се инфицирал жуљот, користете жолтика. Таа е позната поради своите леквити својства познати веќе илјадници години. Древните Египќани ја користеле за превенција на многу заразни болести, како што е на пример чумата. Денес жолтиката е познато дека има антибактериски и антигабични својства. Тинктурата или сокот од ова растение се применува локално, директно на жуљот. Таа е многу силна, па користете ја во мали количини.

3. Кантарион (лат. Hypericum perforatum )
Кантарионот е уште едно растение кое помага при жуљеви. Кантарионот или Господска трева е многу ценет кај народот. Тој е еден од лековите кои имаат антибактериско, антивирусно и антигабично делување. Лековитоста на кантарионот е од широк опсег, па затоа и носи вакво име, а неговото масло е посебно познато и ценето. Маслото на кантарион е богато со хиперицин, танин и флавоноиди и помага за епителизација на кожата.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина