Несоницата навистина може да се вмеша во квалитетот на животот, да влијае на продуктивноста, концентрацијата и да го зголеми нивото на стрес. Ако и покрај тоа што секоја вечер легнувате во темница и залудно чекате да заспиете, без притоа да користите лекови, можеби можете да се обидете со јога да го решите овој проблем. Овие вежби ќе ви помогнат да се опуштите, да ги исфрлите мислите кои ви се вртат низ глава и полесно да заспиете или едноставно подобро да спиете.

Пред да помислите дека јогата е чудотворен лек за несоница, треба да знаете дека причините за несоница можат да бидат разни и многу комплицирани, па затоа јогата не може да им помогне на сите, но повеќето луѓе кои ја пробале велат дека таа навистина помага.

Ако досега не сте практикувале јога, пред да ги испробате позиве кои се препорачуваат за спиење, добро би било да запишете неколку групни часови, каде ќе ви биде објаснето како да дишете правилно и како правилно да ги правите овие вежби.

 

Седнете и свиткајте се нанапред

 

 

 

 

Оваа положба е многу релаксирачка поради тоа што опушта и смирува, а покрај тоа помага и во работењето на дигестивниот систем. Ако лошото варење не ви дава да заспиете, тогаш оваа положба е секако за вас.

Седнете на под со нозете испружени пред вас. Длабоко вдишете, рацете подигнете ги високо над главата, затегнете ги стапалата и полека спуштајте го горниот дел од телото нанапред, така што градниот кош да ви дојде до колената. Фатете се за стапалата. На почетокот нема да можете да се спуштите сосема напред, но тоа нека не ве загрижува, важно е да ги истегнете мускулите на грбот и половината. Останете во оваа положба 10-12 лесни вдишувања и издишувања и полека исправете се.

 

Мост

 

 

Положбата мост можеби не делува како положба за заспивање, но таа секако го подготвува телото за спиење, бидејќи смирува и не ослободува од стресот.

Легнете на грб, а потоа полека свиткајте ги колената и вовлечете ги стапалата, така што да дојдат веднаш до задникот. Со следното вдишување оттурнете се со стапалата и дланките од подот и полека кревајте го задникот нагоре колку што можете повеќе. Вдишете и издишете 10-15 пати, а потоа полека вратете се во почетната положба.

 

Поза за истегнување на нозете

 

 

Оваа положба ќе ви ги истегне нозете, ќе го намали нивото на стрес и ќе ви помогне да спиете подлабоко и подобро. Нејзината полза е и во тоа што наутро ќе се разбудите свежи одморени.

Седнете на под, со исправен грб, нозете собрани, така што стапалата да ви се допираат, а колената да паѓаат на страна. Стапалата приближете ги поблиску до гениталниот дел. Потоа наведнете се наназад, со едниот лакт поставен на подот, па полека спуштајте го грбот кон подот, така што лопатките да се приближуваат една до друга и да се опуштаат. Рацете треба да бидат во неутрална положба покрај телото, дланките свртени кон нагоре.

Затворете ги очите и полека дишете. Во оваа положба останете колку што сакате, а можете и крпа да замотате околу стапалата за да останат собрани.

 

Положба на свеќа

 

 

Свеќата е еден од основните положби во јогата, која помага да се опуштиме, ги смирува мислите и не ослободува од болките во нозете и стапалата, кои можат да бидат една од причините за несоница.

Легнете на грб, а потоа соберете ги колената, така што да ви дојдат до градниот кош. Рацете се поставени покрај телото, дланките свртени кон подот. Потоа со рацете придржувајте го грбот и кревајте го. Нозете, пак, исправајте ги кон горе, да бидат рамни во воздухот. Свиткајте ги лактите, а со рацете придржувајте го долниот дел од грбот за што поцврста поддршка. На подот треба да бидат само рамењата, главата и надлактиците. Ако ова ви е пренапорно, нозете потпрете ги на ѕид.

 

 

Шавасана

 

 

 

Оваа поза ќе ви помогне да го смирите телото и да ги впиете благодетите од сите положби кои сте ги направиле пред оваа. Ќе ви го подготви мозокот за одмор и опуштање.

Легнете на грб, нозете поставете ги малку разделени, исто така и рацете малку одвоени од телото. Дланките треба да се свртени кон подот. Затворете ги очите, фокусирајте се на дишењето, слушајте релаксирачка музика и уживајте. По неколкунеделно практикување на овие положби, секоја вечер, ќе забележите значаен напредок кога се работи за вашето спиење.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина