trrudnica_naslovna

Летото е на прагот, а наскоро не очекуваат уште повисоки температури. За организмот полесно да ја поднесе топлината, не би требало да го оптеретувате стомакот со зачинета и масна храна.

Бремените жени во претстојниот период би требало да внесуваат многу овошје и зеленчук, бидејќи тие им се драгоцен извор на витамини, минерали, но и течности што телото ги губи преку потењето. Организмот за време на летните горештини бара полесна храна со повеќе влакна и помалку масти и протеини. Значи во овој период, избегнувајте сол, сувомеснати производи, пржено и масно месо, како и пржена и многу зачинета храна.

Медитеранската исхрана е добредојдена за идните мајки, бидејќи таа има позитивен ефект врз целокупниот организам. Ако не сте алергични, јадете морски плодови и риба, салати прелиени со малку маслиново масло и лимон. Маслиновото масло содржи омега-3 масни киселини, кои заштитуваат од воспалителни процеси и се добри за срцето и крвните садови.

Кога станува збор за овошјето и зеленчукот, бремените жени треба да јадат што повеќе кајсии, праски, дињи, лубеници, домати, моркови,како и свежи пиперки. Овие намирници содржат растителни пигменти кои имаат антиоксидантни својства и ја стимулираат пигментацијата.

Не заборавајте да внесувате и млечни производи кои ќе ви обезбедат доволно количество на калциум и протеини. Можете да пиете и да јадете јогурт (секако- вкусниот таратор), кисело млеко и кефир, кои содржат ензими, влакна, витамини и минерали, како и пробиотички бактерии корисни за одржувањето на цревната флора, особено во летните месеци.

Немојте да заборавите дека е од исклучителна важност да пиете доволно течности, а пред се обична, негазирана вода. Заради високите надворешни температури, повеќе се потиме и доаѓа до намалувањето на вода во клетките и до зголемено чувство на жед. Инаку, кога некој чувствува жед, тоа значи дека веќе дошло до делумна дехидрација.

Препорачливо е секако, да избегнувате алкохолни, газирани и засладени пијалоци, како и оние богати со кофеин, бидејќи тие може да го зголемат нивото на дехидрација.

Во текот на овие летни месеци, бремените жени треба да го зголемат внесувањето на вода и природни сокови во организмот, за да се компензираат електролитите кои се губат преку потењето. Доволниот внес на на вода ги намалува уринарните инфекции и го спречува запекот и дехидрацијата на телото, кои за време на бременоста може да доведат до сериозни последици.

Пред породувањето, телото на бремените жени го произведува хормонот питацин, кој е многу сличен на хормонот кој се излачува кога организмот е дехидриран. Дехидрацијатa телото на бремената жена го гледа како присуство на питоцин, па може да доведе до контракции. Затоа е важно идните мајки да пијат доволно вода, особено во третиот триместар, бидејќи заради зголемените контракции, во комбинација со дехидрацијата може да дојде до предвремено породување.