Надуеноста е еден од водечките проблеми на денешницата. Речиси да нема човек кој не се жали дека е надуен по консумирање на некои намирници. Овој проблем е еден од најчестите симптоми на синдромот на надразнети (иритабилни) црева, еден ентитет кој исто така е чест здравствен проблем на денешницата.

Иритабилниот колон („Irritable bowel syndrome“- IBS) се дефинира како синдром кој вклучува зачестени болки во стомакот (абдоменот) или абдоминална ,,непријатност“, кои се јавуваат најмалку три дена во период од три месеци проследени со нарушувања во дефекацијата и квантитативна и квалитативна смисла (проливи, опстипација). Се работи за хронично и функционално нарушување на цревата, кое ги исклучува цревните болести од типот на целијакијата, воспалителни болести на цревата и нема склоност кон малигнитет. Но, ИБС може да се најде и во склопот на некои цревни болести, како што е целијакијата. Тој е многу чест проблем кај адолесцентите и возрасните, со тенденција на пораст. Некои теории го толкуваат настанокот на овој синдром со ,,грешките во комуникацијата,, во односот црево – мозок.

За да се лекува немедикаментозно овој синдром, осмислен е план на исхрана кој се нарекува FODMAP диета, а која се има покажано како многу успешна во решавање на надуеноста.

Оваа диета е всушност диета со помал уддел на осмотските активни материи (материи кои ја ,,навлекуваат,, водата во системот за варење, првенствено во цревата). Најчесто се работи за намирници кои не се ,,впиваат,, доволно низ цревните ресички и кои ферментираат од страна на бактериите во нашите црева и така стануваат осмотски активни.

Името диетата го добила од англиското говорно подрачје, a значи: F-fermentable (ферментирачки); O-oligosaccharides (олигосахариди); D-disaccharides (дисахариди); M-monosaccharides (моносахариди); A-и (i); P-polyols (полиоли).

Најчеста FODMAP исхрана се: фруктоза (овошје, мед…), лактоза (млекои млечни производи), фруктани, инулин (пченица, лук, корен од цикорија…), галактани (грашок, леќа, мешунки, соја…), полиоли (засладувачи кои содржат сорбитол, манитол, ксилитол, овошја од типот на авокадо, цреши, кајсии, крупи, сливи…)

План на намирници кои можат да се консумираат според FODMAP диетата:

 

Месо, риба и јајца – дозволено е свежо или длабоко замрзнато

Млеко и млечни производи – дозволени се производи без лактоза („lactose free“) и помали количини сирења (до 6 гр.) од типот на пармезан и бри. Сите други треба да се одбегнуваат.

Алтернативи за млеко – млека од јаткасти плодови (бадемово, лешниково). Дозволено е и млеко од ориз. Треба да се одбегнува кокосовото млеко.

Житарки дозволени се сите видови житарки без глутен и нивните производи, а забранети се производите од пченка, рж, јачмен, зоб и корен од цикорија.

Овошје – банани, диња, грозје, грејпфрут, киви, кумкват, лимон и лимета, мандарина, портокал, ананас и бери овошје се дозволени. Да се одбегнува:авокадо, јаболки, јаболков сок, кајсии, урми, конзервирано и суво овошје, манго, праски, круши, папаја, сливи и лубеница.

Зеленчук – дозволени се краставица, морков, целер, домати, салата, зелен лисјест зеленчук, тиква, компир и тиквички. Да се одбегнува: артичоки, шпаргли, брокула, зелка, карфиол, зелен грав, грашок и печурки.

Семки – од тиква и сончоглед, бадеми, лешници, индиски ореви и макадамија се дозволени, а треба да се одбегнуваат: грав, леблебија, пистации и соја.

Зачини дозволени се зачини подготвени од зачински растенија, лен, маслинки, маргарин, путер, сол, сенф, оцет, сите видови масла и балсамирачки оцет. Да се одбегнува: сируп од агава, кокос, мед, сирупи со висок уддел на фруктоза, вештачки засладувачи (сорбитол, ксилитол, манитол – најчесто во гумите за џвакање).

 

Се препорачува оваа диета да се спроведува неколку недели (4 – 6 недели), по што треба постепено да се започне со воведување на една од ,,забранетите,, намирници и да се следи појавата на симптомите. Ако се појават симптоми, треба да се исклучи таа намирница веднаш од исхраната. Исто така треба да се напомене дека голем број од забранетите намирници се кријат во комерцијално подготвените производи, па затоа се препорачува темелно да се читаат прехранбените декларации наведени на самиот производ.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина