Омилената намирница на ориенталните и северноафрикански народи, сусамот (Sesamum indicum), одамна се ,,одомаќинил, и на нашите простори и се користи на многу начини. Кај многу традиционални јадења, слатки, намази, лебови и тестенини, сусамот претставува една од најважните состојки. А за неговото лековито дејство против ќелавост, перути, забоболка, ишијас, зуење во ушите, нарушувања при доењето и уште многу болести знаеле уште старите народи.

Денес, сусамот најмногу се одгледува во Кина, Индија и Судан, бидејќи неговото семе содржи помеѓу 40% и 60% квалитетно масло за готвење, подготовка на салати и за производство на маргарин.

Сусамот е едногодишно растение со мешункасти плодови. Семето е исклучително нутриционистички богато и се бере зрело, а потоа се суши. Тоа содржи најголема концентрација на фитостероли, состојки кои по хемиската структура се налик на холестеролот. Фитостеролите имаат моќ, па ако бидат доволно присутни во исхраната, можат да го намалат нивото на холестерол во крвта, да го подобрат имунитетот и да го намалат ризикот од појавата на одделни облици на рак. Инаку, семето претставува еден од најкорисните додатоци во исхраната, а маслото добиено од него се смета за исклучително квалитетно и често се користи како замена за маслиновото.

Јакнење на нервите

Поради големата концентрација на фитостеролите, кои по хемиската структура се најблиску до холестеролот, сусамот е можен регулатор на нивото на масти во крвта. Покрај тоа, фитостеролите имаат способност да го намалат ризикот од добивање одделни облици карциноми и да го подобрат имунитетот. Маслото од сусам е одлично за превенција од создавањето тромб, а поради лецитинот, кој делува позитивно на нервниот систем, се препорачува при замор, депресија и зголемување на енергијата, додека магнезиумот од него ги намалува мигренските главоболки и го нормализира ритамот на спиењето.

Чистач на органите за варење

Иако е тежок за чувствителни стомаци, сепак повремено треба да се јаде затоа што е одличен чистач на органите за варње. Во тој случај треба да се пропржи или препече на тивок оган. Освен тоа, ефикасен е и при долготрајна опстипација, нередовна столица и за отстранување цревни паразити. Нема подобар лек од него за лекување хемороиди проследени со болки и крварење. Се што е потребно е да се сомеле и да се помеша една лажица со две лажици вода и лажичка путер и ваквиот намаз да се намачка на тост.

Ги чува коските и кожата

Освен што е ефикасен за воспаленија и болки при ревматски артритис и остеопороза, на сите оние кои немаат доволно калциум им се препорачува смеса од една лажица сусам и 50 милилитри јогурт, која треба да се јаде во континуитет секое утро на празен стомак. Покрај тоа што ги чува коските, сусамот е добар и за кожата, затоа што спречува настанок на бактерии, габи и акни, го поттикнува лачењето на кожните хормони, ги намалува лузните, ја лекува сувата и ја штити чувствителната кожа.

Неопходен за време на бременост

Сусамот е многу значајна намирница за женското здравје. Калциумот од него ги намалува грчевите и болките и на тој начин ги олеснува тегобите за време на ПМС. Посебно важен е за исхраната на трудниците, затоа што има седум пати повеќе калциум од млекото. Исто така, содржи и диетални влакна, кои помагаат при опстипацијата, која често се јавува за време на бременоста.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина