Домашни препарати за нега на кожата според типот
Препарати за масна кожа
Египетска маска
Потребно:
– 1 јајце
– 1 лажица маслиново масло
– 1 лажица млеко
– пола лажичка сол
– 1 лажица брашно.
Во стаклен сад измешајте ги јајцето, млекото и маслиновото масло. Во смесата полека додавајте ги брашното и солта. Во вака добиената смеса можете да додадете неколку капки масло од рози. Нанесете ја маската на лицето и вратот, одбегнувајќи го пределот околу очите, и оставете да стои 15 – 20 минути. Измијте ја со млака вода и потоа нанесете хидратантна крема. Оваа маска ги стеснува порите, ја чисти и храни кожата. Постапката можете да ја повторите еднаш до двапати неделно, со цел да ја одржувате кожата здрава и сјајна.
Маска од прополис
Потребно:
– 60 мл. слатка павлака
– 5 гр. прополис во прав
Измешајте ги состојките и оставете да отстои еден час. Потоа загрејте ја малку, тргнете ја од оган, додајте 10мл. сок од лимон, и оставете ја да олади. Нанесете ја на лицето и вратот и оставете ја да се исупи. Исушена отстранете ја со млака вода.
Маска од јаболки
Потребно:
- 2 – 3 средно големи јаболки
- 1 лажица мед
Јаболките излупете ги и ситно нарендајте ги. Додајте им една лажица мед и добро промешајте. Вака подготвената смеса нанесете ја на вратот и лицето. Оставете да делува 20 минути и за тоа време одморајте. Отстранете ја со млака вода.
Препарати за нормална кожа
Грчка маска
Потребно:
- 1 компир
- млеко по потреба
- 1 жолчка
Згмечете еден сварен компир и растворете го со малку млеко (слично на пире) и додадете ја жолчка. Додадете малку вода и загрејте ја на ниска температура. Топлата смеса нанесете ја на лицето и вратот, прекријте со платнена крпа или газа. По 20 минути измијте ја маската со топла вода, потоа со студена вода. Оваа маска ја оживува кожата и ја прави еластична.
Маска од краставици
Потребно:
- 1 краставица
На претходно добро исчистено лице ставете кора од излупена краставица, исечена на долги ленти. Лентите треба добро да се втиснат на кожата на лицето и потоа лицето треба да се покрие со крпа. Оставете да стои 20 минути. Никако не ја измивајте. Ова е освежителна маска која ја храни и освежува кожата и може да се применува колку што сакате пати.
Препарати за сува кожа
Маслиново масло и жолчка
Потребно:
- 50 гр. ливадски мед
- 1 лажица маслиново масло
- 1 жолчка
– 35 гр. млеко во прав
Во сад измешајте ги медот, маслиновото масло и жолчката. На крајот додадете го млекото во прав и убаво промешајте ги. Нанесете ја оваа маса на лицето и вратот и ставете газа преку неа. Оставете да отстои 30 минути. Оваа маска влијае на регенерацијата на кожното ткиво и на тој начин го подмладува кожниот епител
Маслиново масло и лимон
Потребно:
- 2 лажици маслиново масло
-
1 лажица сок од лимон
Добро промешајте ги сите состојки. Вака подготвениот ,,лек,, чувајте го во затворено шишенце и употребувајте го по секое миење на лицето.