Околу 20% до 30% од популацијата грицка нокти, вклучувајќи и 45% тинејџери, но научниците се уште бараат точна причина зошто луѓето ја имаат оваа грда навика. Се смета дека прибегнуваме кон неа кога сме нервозни, но всушност грицкаме нокти кога ни е здодевно, кога сме гладни, фрустрирани или кога треба да направиме нешто кое ни е стресно и тешко. Во тие моменти грицкањето нокти ни дава чувство на пријатност и не опушта.

Теоријата дека грицкањето нокти не смирува ја поткрепува и едно неодамнешно истражување кое ја поврзува оваа навика со перфекционизмот. Имено, повеќето луѓе кои ги грицкаат ноктите се перфекционисти, луѓе кои премногу планираат и кои се фрустрираат кога немаат што да работат, па грицкањето нокти им помага да ја истераат здодевноста и раздразливоста. Некои истражувања пак покажуваат дека оние кои грицкаат нокти имаат генетска предиспозиција за оваа лоша навика. Третина од луѓето кои грицкаат нокти потврдиле дека имаат член во семејството кои го прави истото, додека кај еднојајчните близнаци е вообичаено двајцата да грицкаат нокти. Се уште не е јасно целосно зошто почнуваме да ги грицкаме ноктите во детството. Едно од објаснувањето е дека децата лесно се стекнуваат со таа лоша навика, бидејќи дел од мозокот, наречен префронтален кортекс, кој е одговорен за донесување одлуки, се уште се развива. А неразвиениот префронтален кортекс значи дека децата се поимпулсивни од возрасните, не можат да се сопрат да не ги изедата сите слатки и го чепкаат носот во јавност, бидејќи општествениот притисок нема големо влијание врз нив.

Иако грицкањето нокти делува релаксирачко, секогаш треба да се има на ум и дека има многу несакани здравствени последици. Лошо е за забите и вилицата, нехигиенски е, бидејќи под ноктите се наоѓа плодно тло за развој на бактерии. Со грицкањето на ноктите тие бактерии се пренесуваат во организмот и можат да доведат до гастроинтестинални проблеми како што се мачнини и проливи. Во усната шуплина исот така има многу бактерии, а некои од нив можат да доведат до инфекција на ноктите. Брадавиците и херпесот исто така можат да се пренесат од устата на прстите и обратно.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина