Цикоријата е повеќегодишно растение чие латинско име е Cichorium intybus. Цвета од јули со септември, а почнува да зрее во август. Коренот на ова растение се вади се до пролет, иако е најквалитетен ако се вади во есен. Потоа се суши, се меле и од него се подготвува напиток сличен на кафето. Исецкан на коцки се користи за чај. Се пие за уживање или за лекување. Надземните делови исто така се јадат. Цветовите можат да се најдат и во салата или заедно со листовите имаат примена како лек во народната медицина.

Како повеќегодишна зелјеста билка, цикоријата расте до 1.5 метри. Има вретенест корен, кој надвор е жолтеникав, а внатре бел. Стеблото му е долго, цврсто и разгрането. Листовите му се долги, грубо назабени, се стеснуваат во рачките и многу сличат на оние на глуварчето. Цветот е со сина боја, со виолетови прашници кои имаат посветол врв. По вкус е горчлив, исто како и листовите и коренот. Но, без разлика на ваквиот вкус, дивата цикорија е специјалитет во некои кујни, како на пример италијанската, и тоа во регионите Лигурија и Пуљија, но и во шпанската Каталонија, во Грција и во Турција.

Пред неколку децении белото кафе од цикорија било многу популарно и го пиеле за време на појадок со пециво или бисквити или само со леб. Тоа било особено здрава навика, бидејќи цикоријата е здрава, а не содржи кофеин, така што нема страв од нуспојави, која оваа супстанција може да предизвика кај чувствителните луѓе. Цикоријата на прво место има благотворно дејство на гастроинтестиналниот тракт, па традиционално се користи за лекување на гастритис, колитис и за стимулирање на апетитот, поради тоа што содржи горки материи. Го поттикнува варењето, го јакне желудникот, ги прочистува црниот дроб и бубрезите, го поттикнува лачењето на жолчката и излачувањето на урината, лекува анемија и жолтица.

Коренот на цикоријата не содржи скроб, туку инулин, што го прави погоден и за исхрана на дијабетичарите, затоа што не делува на зголемувањето на нивото на шеќерот во крвта. Всушност, коренот на цикоријата е и повеќе од тоа. Тој го поттикнува метаболизмот и со оглед на тоа што има хипогликемиско влијание, тој е двојно полезен за оние кои имаат полесен облик на дијабетис.

Чај од корен на цикорија. Се подготвува така што ½ лажички сув корен се вари во 2 дл. вода, на тивок оган, од 5-8 минути. Потоа се трга од огнот и по 15 минути се процедува. Се пијат од 3 до 4 вакви филџани во текот на денот.

Чај од цветови цикорија. Се подготвува така што 1 лажичка суви цветови се прелеваат со 2 дл. врела вода и по 2 часа се процедува. Се пие два пати по 1 дл. дневно. Цикоријата во овој облик делува смирувачки на нервниот систем, ја ублажува несоницата, го забавува чукањето на срцето, но не смеат да го пијат трудници, поради тоа што ја зголемува амплитудата на трудовите, односно може да доведе до предвремен породување.

За крај,секој кој ќе се одлучи за кафе од цикорија, ќе одбере одличен начин за елиминирање или барем за намалување на внесувањето на кофеинот. Паралелно со тоа, добрата стара цикорија е и одличен прочистувач на крвта.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина