Диети кои никогаш не би требало да ги испробате!
Речиси секој ден се појавува по некоја нова диета која ветува брзо губење на килограмите. Повеќето од нив се засновани на истиот принцип: избирате неколку намирници, им препишувате “магични” својства и ги убедувате луѓето дека доколку ги јадат само нив, сигурно ќе ослабат во краток временски период.
Иако ова може да биде и вистинито, она што ниту еден творец на овие диети нема да го признае е тоа дека неговата “креација” може да го наруши вашето здравје, и да не ни зборуваме за брзото враќање на изгубените килограми.
Ви претставуваме некои од “популарните” диети кои би требало да ги избегнувате.
Диета според крвните групи
Диетата според крвни групи се базира на претпоставката дека во зависност од тоа која крвна група сте, вашиот организам различно реагира на одредени намирници. На пример, лицата со нулта крвна група треба да јадат месо, зеленчук и овошје, а да избегнуваат житарки и млечни производи. Оние со крвна група А треба да бидат вегетаријанци, додека оние со крвна група Б треба да избегнуваат пилешко месо, пченка, пченица, домати, кикирики и сусам.
Сепак, оваа диета нема никаква научна основа, па во зависност од тоа која крвна група сте, може да бидете во голема неволја, кога ќе елиминирате премногу групи на намирници. Покрај тоа, не постојат никакви докази дека благодарение на оваа диета може да се изгубат килограми.
Диета со колачиња
Холивудската диета со колачиња се базира на тоа дека секој ден треба да јадете специјални бисквити богати со протеини и влакна кои содржат околу 600 kcal за појадок, ручек и вечера, а потоа да имате нормално вечера. Вкупната дневна доза на калории не треба да надминува 1200 kcal.
Ако се придржувате до овој ригорозен план, најверојатно ќе изгубите на тежина, но ќе се чувствувате лошо и постои можност дека ќе се прејадете за вечера.
Диета- пет залаци
Јадете го она што го сакате, но само по пет залаци. Оваа диета ја осмислил лекарот Алвин Луис, кој вели дека ќе ослабнете ако го прескокнете појадокот, а потоа за ручек и вечера изедете по пет залчиња од било која храна. Иако е точно дека сите ние треба да се придржуваме до помали порции доколку сакаме да изгубиме килограми, пет залчиња е навистина премногу мал оброк. Покрај тоа, би требало за време на целиот ден да внесувате здрави намирници богати со хранливи материи за да му ја дадете на телото потребната енергија.
Диета со лимонада
Оваа диета е позната веќе со децении и постои во многу различни варијанти. Основата е секогаш иста: Треба неколку дена да пиете само мешавина од лимонов сок, јаворов сируп, лута пиперка и вода.
Во суштина, пиете диуретик, а не јадете ништо. На овој начин, ќе го изгубите вишокот на течности од организмот, но не и масните наслаги, па кога ќе преминете на цврста храна, ќе вратите сè што сте изгубиле.
Освен тоа, поради гладта и губењето на електролитите може да се јави вртоглавица, мачнина и симптоми на дехидратација.
HCG Диета
Оваа, можеби и најопасна диета, ве ограничува на внесување на само 500 калории на ден, додека секојдневно треба да земате хуман- хорионски гонадотропин, хормон за кој некои тврдат дека го потиснува апетитот. Сепак, не постои доказ за овие тврдења, па веројатно се работи за плацебо ефект.
Вие можеби ќе изгубите килограми на овој начин, но тоа е само заради екстремното намалување на бројот на внесени калории, што, како што знаете, не е препорачливо за никого.
Диета со зелка
“Мајката” на сите диети со јо-јо ефект, зелка диетата, се заснова на супа направена од овој зеленчук која се јаде повеќе пати на ден за време од една недела, заедно со уште неколку намирници. На пример, еден ден ќе јадете само супа, банани и обезмастено млеко.
На краток рок, можно е да изгубите килограми, бидејќи се работи за нискокалорична диета полна со влакна и вода. Меѓутоа, сите килограми кои ќе ги изгубите на овој начин ќе се вратат, а телото ќе ви биде “изгладнето” поради недостаток на останатите намирници.