Вештачкиот засладувач сукралоза се продава под бренд со име Спленда и е состојка на многу диетални прехранбени производи. Добра вест за оние кои се на диета е дека една студија установила дека овој вештачки засладувач го намалува консумирањето на храна. Овие резултати се во спротивност со оние од една друга студија, која го тврди спротивното. И двете студии се објавени во исто научно списание, Cell Metabolism, и и двете се темелат на истите факти кои се занимаваат со внесување на сукралоза кај винските мушички и кај глувците. Но, новата студија го открила она за што авторите велат дека е поедноставно објаснување за однесувањето поврзано со консумирањето на храна.

Ова е одличен пример како во научната дебата толкувањето на фактот може да биде еднакво важно како самиот факт. Новата студија утврдила дека винските мушички кои консумирале сукралоза во рамките на исхраната внесувале помалку калории, кое потоа го надоместиле со тоа што јаделе повеќе кога биле ставени на исхрана без сукралоза. Кажано поинаку, винските мушички хранети со исхрана со нехранливи засладувачи биле недоволно хранливи, а кога им била воведена нормална исхрана, тие едноставно го надоместиле недостигот од хранливи материи. Студијата ја спровеле научниците од Институтот за истражување Скрипс и Универзитетот од јужна Калифорнија.

 

Реакција на гладување

 

Раната студија утврдила дека вносот на сукралоза го поттикнува вродениот механизам кој реагира на гладувањето и го засилува гладот. До ова доаѓа затоа што нервниот систем регистрира дека сукралозата е нехранлив засладувач, или НХЗ, кој не содржи калории, за разлика од традиционалните засладувачи, како што се медот и шеќерот или шеќерот од шеќерната трска. Истражувачите под водство на Кијао-Пинг Вонг и Грег Нили, од Универзитетот во Сиднеј, го тестирале вносот на храна кај винските мушички и глувците кога им била давана храна која содржи сукралоза. Винските мушички јаделе храна со сукралоза, а потоа преминале на исхрана без неа. Нивниот внос на калории пораснал за 30% поради поголемиот глад предизвикан од системот кој реагира на НХЗ. Но, кога системот кој реагира на слатко бил генетски отстранет кај глувците, тие не го зголемиле вносот на храна во присуство на сукралозата.

Во суштина, оригиналната студија не го анализирала хранењето за време на изложеноста на сукралоза. Од искуство научниците знаат дека винските мушички се пребирливи и можат значително да ја променат количината на храна која ја внесуваат во зависност од составот на храната. Затоа тука се јавува клучниот проблем. Ако мушичките го менуваат вносот на храна за време на изложеноста, тоа со тек на време може да ги направи повеќе или помалку гладни, што потоа би влијаело на тоа колку јадат кога од сукралоза ќе преминат на редовна храна. Ова сценарио би било во спротивност со толкувањето на студијата од 2016 година.

Во новата студија се пронајдени докази за овој став, така што во исхраната со сукралоза бил додаден собитол, хранлива материја без вкус. Кога сукралозата била исфрлена, мушичките јаделе нормална количина храна, можеби поради тоа што собитолот го елиминирал недостигот на калории од исхраната со нехранливиот засладувач.

,,Нашите резултати не ја поддржуваат улогата на сукралозата во директното предизвикување реакции на нервниот систем на симулација на изгладнетост’’, се тврди во студијата. ,,Напротив, тие укажуваат на тоа дека мушичките го ограничуваат вносот на сукралоза во користената концентрација, при што воочените ефекти веројатно настануваат како индиректна последица од недоволен внос на храна.’’
Генетските и нервните механизми разгледани во 2016 година веројатно имаат улога во гладувањето, вели новата студија, но потребни се дополнителни истражувања за да се утврди каква е таа улога.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина