Повеќето луѓе водат битка со вишокот килограми. Секој загубен килограм е еден чекор поблиску кон целта за постигнување витка фигура. Но, постојат луѓе кои имаат сосема спротивен проблем и кои се обидуваат да се здебелат. Праксата покажува дека е далеку потешко да се добијат и да се задржат килограмите кај потхранетите, отколку да се загуби вишокот на килограми. Како и кај слабеењето, потребно е да се корегира режимот на исхрана и да се применува соодветна диета.

Совети за држење диети за дебелеење

Диетата за дебелеење ја применуваат оние луѓе чијашто телесна тежина е под просечната. Генетиката, забрзаниот метаболизам, отсуството на апетит, неправилната исхрана, интензивната физичка активност се главните виновници за појавата на овој проблем. Кај слабите, метаболизмот е толку многу брз, што во најкус можен рок ги согорува сите калории од храната, па речиси ништо не се претвора во мускулни наслаги.

Познато е дека кафето и цигарите го намалуваат апетитот и затоа треба да се сведат на најмала можна мера. Посебно треба да се одбегнуваат по појадокот. Појадокот треба да биде што пообилен. Треба да се појадува веднаш по станувањето. Во исхраната треба да се приклучат полубел и црн леб, тестенини, полномасно млеко, јогурт, павлака, јајва, растителни масла и месо. Бадемите, лешниците, оревите и кикиритките се висококалорични и пожелно е да се консумираат при држење на диетата за дебелеење. Компирот и грашокот се исто така многу погодни, бидејќи изобилуваат со скроб.

Диетата за дебелеење за цел има зголемување на мускулната маса

За да се изгради ново мускулно ткиво, треба да се внесуваат протеини во големи количини. Тоа може да се постигне со консумирање на јајца, пилешко, говедско, мешунки, риба и сирење. Сурутката е одличен извор на протеини. Консумирањето пивски квасец исто така мже да биде од голема помош. Соодветна физичка активност за време на држењето на диетата е многу битна за постигнување трајни резултати, затоа што цел на дебелеењето е да се зголеми мускулната маса. Само држењето на диетата без физичка активност резултира со насобирање на масни наслаги на места каде сигурно не ги сакате.

Диета со која ќе внесете дури 4400 калории на ден

При држењето на диетата за дебелеење многу е важно да се јадат сите оброци во соддветна количина предвидена за тој ден. Појадокот треба да содржи една чаша засладен сок од портокал, две јајца, сланина, сирење, околу 20 грама кајмак, две парчиња леб, млеко и јогурт. Пред ручек најдобро е да се испие една чаша сок од домати, а на менито треба да се најде печено или варено месо (150 гр.), компир или ориз подготвен на путер (околу 200 гр.), спанаќ или грашок (100 гр.), салата од домати, едно парче леб, јогурт и, на крај, десерт. За ужина треба да се изеде едно меко варено јајце, две лажици мед и јогурт. Вечерата треба да се состои од супа од зеленчук, салата, сирење, кајмак, две парчиња двопек и една шолја млеко. Еден час пред спиење треба да се испие шолја пивски квасец или сурутка.

Со придржувањето до оваа диета дневно ќе внесете во просек околу 4400 калории, што многу брзо ќе биде видливо на вашето тело. Кога ќе успеете да додадете неколку килограми, немојте да мислите дека сте го решиле проблемот. Колку што е тешко да се здебелеете, толку е тешко и да се одржат тие добиени килограми. По престанокот на диетата за дебелеење, еднаш седмично пожелно е да се применува овој режим на исхрана, за да можат добиените килограми да се задржат.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина