Желудникот е еластичен, мускулест орган кој по потреба се проширува кога во него ќе внесеме поголема количина храна или течности. Меѓутоа, тоа е привремена промена и кога храната ќе се свари, тој се враќа во првобитната големина. Сепак, ако се прашувате дали желудникот може трајно да се прошири или намали во зависност од тоа колку јадеме, треба да знаете дека некои истражувања укажуваат на тоа дека намалениот внос на храна со тек на време може да го намали капацитетот на желудникот, веројатно затоа што ѕидовите на желудникот стануваат помалку растегливи (и обратно).

Празниот желудник секогаш има иста големина и има капацитет од само 75 милилитри. Меѓутоа, еластичен е како балон и може повеќекратно да го зголеми својот капацитет. Нормално при консумација на храна се проширува до обем од еден литар, а после преобилен оброк и до два литри.

Кога сакаме да јадеме, мозокот испраќа сигнал до желудникот дека храната е на пат. Мускулите на желудникот тогаш се опуштаат и желудникот се подговува за тоа дека ќе се наполни со храна. Кога храната ќе помине низ дигестивниот тракт, желудникот се враќа во првобитната големина.

Мозокот како втор желудник

Иако храната која ја јадеме минува низ желудникот, и мозокот има големо влијание врз чувството на глад, ситост и консумација на храна. Кога желудникот за време на јадење ќе се прошири до одредена граница, тој испраќа до мозокот сигнал дека повеќе не сте гладни. А кога прејадувањето и јадењето вон границите на ситост ќе стане редовно, тогаш тој природен рефлекс ослабнува.

И брзината со која јадеме исто така влијае на тоа како желудникот испраќа сигнали на ситост. На мозокот му треба извесно време за да сфати дали сме сити, па кога јадеме брзо, полесно се прејадуваме. Без разлика на тоа дали сакате да ја зголемите или намалите еластичноста на желудникот, количината на храна при тоа има големо значење. На пример, кога јадеме чипс, консумираме многу калории, но таа храна има мала количина. Со овошјето и зеленчукот, од друга страна, внесуваме намирници со поголема количина, но со помалку калории. Значи, ако мислите дека еластичноста на желудникот ви се зголемила и дека поради тоа постојано сте гладни, зголемете ја количината на внесена храна, јадете пет помали оброци дневно и јадете бавно.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина