Дали може да се провери колку брзо ,,чука,, женскиот биолошки часовник?
Се повеќе жени ја одложуваат бременоста за да се концентрираат на други нешта во животот, како што е кариерата. За жал, тоа истовремено значи и дека делумно ги намалуваат своите шанси било кога да имаат дете, бидејќи голем број жени веќе во своите 30-ти години влегуваат во ,,опасната зона,,.
Како што старееме, стареат и нашите јајни – клетки, па можноста за зачнување низ годините се намалува, а бременоста станува се поризична. Бројот на спонтани абортуси и мртвородени бебиња се зголемува за 50% кај женитена возраст од 35 години, додека во 45-та година тој процент изнесува дури 95%.
Хормонски тест открива колку долго ќе трае периодот на плодност
Секоја жена, сепак, е поинаква и менопаузата доаѓа во разни периоди од животот, па е невозможно да се утврди дали некој ќе има проблеми за време на бременоста во подоцнежните години или не. Барем тоа не беше можно до сега. Имено, едно истражување утврдило дека со едноставен хормонски тест може да се процени колку брзо ,,чука,, женскиот биолошки часовник и кога таа ќе ја загуби секоја можност за да стане мајка.
Научниците за првпат успеале да откријат нешто повеќе за плодноста кај жени на различна возраст. Тие ги споредиле нивоата на хормони кај 3.200 здрави жени, за да откријат до кои промени доаѓа со годините и врз база на тие резултати тврдат дека можат до некаде да проценат до кога жените остануваат плодни и кога ќе настапи менопаузата.
Овие податоци можат да бидат од голема помош на сите жени кои планираат семејство во подоцнежните години, со цел да утврдат дали тогаш ќе можат воопшто да забременат, но и на оние парови кои се обидуваат да добијат дете, бидејќи ќе им помогне да имаат увид во нивните шанси за зачнување.