Во последно време колагенот, кој се добива од коски, рскавици и кожа од животни (како крави, кокошки и риба), повторно се здоби со популарност. Ова благодарение на залуденоста со Палео диетата, која се однесува на консумирањето на повеќе од само мускулно месо од животните. Колагенот се продава и во облик на прашок, скапи протеински чоколатца, слатки гумени бонбони и пијалоци. Дали колагенот е новата супер храна?

Колагенот го нема само во животните. Го произведуваме исто така и во нашите тела. Всушност, тој изобилува во структурните протеини во човековото тело и е главната компонента на сврзното ткиво. Го има во нашите коски, лигаменти, кожа, коса, органи, мускули, тетиви и крвни садови. Нашите тела произведуваат колаген од амино киселините, кој ние го консумираме од храната која е богата со протеини. Истражувањата покажуваат дека и други нутритиенти се вмешани во производството на колагенот, вклучувајќи ги бакарот и витамините А и Ц, заедно со растителните пигменти наречени антоцијаниди – кои се наоѓаат во намирниците со темноцрвена, виолетова и сина боја (како боровинките, капините и малините). Како старееме, се помалку колаген произведуваме, а тоа води до појава на брчки, опуштена кожа и ослабнати зглобови. Одредени животни навики исто така се вмешуваат во производството на колаген, како што е преголемото консумирање шеќери и алкохол, изложувањето на сонце и пушењето.

Доколку телото само произведува колаген, дали има некаква полза тој да се јаде? Некои експерти велат дека кога се јаде колагенот, тој едноставно се вари и се апсорбира како амино киселините. Кажано поинаку, јадењето колаген не се разликува многу од јадењето на друга протеинска храна.

Во една студија од 2014 година се набљудувале ефектите на колаген хидролизатот врз кожата на жените. Шеесет и девет учеснички на возраст меѓу 35 и 55 години биле поделени во две групи: едната група го земала како суплемент осум недели, еднаш дневно, а втората група земала плацебо. Првата група имала видливо подобрување на кожата, која станала поеластична, за разлика од втората група. А еден месец подоцна, ефектите биле се уште статистички значајни кај постарите жени. Немало забележливи разлики кога се работело за влажноста на кожата.

Една друга студија ги проучувала ефектите на колаген хидролизатот врз болките на зглобовите добиени при фитнес. Во неа учествувале 147 машки и женски спортисти. Половина од нив земале течна формула која содржела колаген хидролизат, а другата половина земала течен плацебо. По 24 недели, истражувалите откриле дека првата група имала помалку болки во зглобовите при одморање, одење, кревање и носење предмети во споредба со втората група.

Но, дали ќе се добијат слични резултати ако се додаде да речеме колаген прашок во утринското смути наместо протеин од сурутка во прав? Или ако се замени протеинското чоколатце со она со колаген? И, може ли колагенот да ги намали целулитот и стриите, да ја направи косата поздрава и да придонесе за подобар сон и губење на вишокот на килограми, како што тврдат многу производи?

Тешко е да се знае тоа. Некогаш некои луѓе велат дека колагенски производ им ги подобрил косата и кожата. Други, пак, велат дека не забележале никакви резултати од земањето колаген.

Недостигот на истражувања исто така придонесува за потешко да можат да се дознаат потенцијалните нус-појави од неговото земање.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина