Ехинацејата е моќен антиоксиданс, има посебно антибактериско дејство, го забрзува зараснувањето на раните и го јакне имунитетот. Наменета е за интензивна и кратка терапија. Во алтернативната медицина, ехинацејата важи за исклучително ефикасно растение кое се користи против многу болести. Има крупни главчести цветови и семе со ситни боцки, поради што потсетува на еж. Поради својот изглед и го има добиено грчкиот назив ехинацеја. Од ехинацејата постојат повеќе видови. Потекнува од Северна Америка, а девет нејзини видови успеваат само на овој континент.

Ова растение традиционално го користеле уште северноамериканските Индијанци, и тоа заедно со коренот, за лекување разни болести, посебно рани, повреди и инфекции и воспалителни состојби на организмот. Во себе ехинацејата содржи етерични масла, цинарин, алкиламид, феноли, бетаин, лутеин, кверцетин, инулин, витамин Ц, палмитинска киселина, железо, сулфур, калиум, бакар и полиацетилен.

Како најпознато растение која има антибиотско и антивирусно делување, ехинацијата се употребува за јакнење на организмот, за севкупниот имунолошки систем (ја зголемува активноста и способноста на одбранбените клетки), па го користиме при лекување на наслабнат имунитет. Најдобро е ехинацејата да се земе веднаш штом се почувствуваат првите симптоми на грип или настинка, бидејќи му помага на организмот на се бори со инфекцијата. Добра е и кај оние чести инфекции кои се залекуваат со антибиотици, но кои потоа пак се враќаат, како што е случајот кај повторени инфекции на грлото, дишните патишта, ушите и др. Успешна е и при лекување гингивитис, односно при воспаление на непцата, но и кај парадонтоза. Се препорачува и за лекување афти и габични инфекции на устата и цревата. Ехинацејата ги стимулира црниот дроб и бубрезите во процесите на детоксикација, а е добра превенција од бронхитис и заболување на простатата. Како моќен антиоксиданс делува на канцерогените клетки. А, со витаминот Ц и прополисот има синергетско дејство, односно го зголемува нивното дејство. Меѓутоа, без разлика за кој проблем се користи, не треба да се зема подолго од осум недели во континуитет, советуваат германските стручњаци.

Ехинацејата е растение наменето за интензивна и краткотрајна терапија. Препораката е да се користи како превенција четири до шест недели, и тоа најдобро во период кога се појавуваат инфекции и настинки.

Лабораториските испитувања вршени врз глувци исто така ја потврдиле големата лековитост на ехинацејата во лекувањето на абнормалниот раст на клетките при тумори, потоа кај лекување на леукемија и т.н. Таа всушност го стимулира производството на белите крвни зрнца во коскената срж. Се верува дека ова би можело да и помогне на оние кои се на хемотерапија и болните од леукопенија, т.е. пациенти кои имаат намален број на бели крвни зрнца. Не се препорачува кај автоимуни болести, мултиплекс склероза, лупус, ревматски артритис, колагеноза и кај СИДА. А, препорачлива е и за лекување на болести на уринарниот тракт, болести на кожата, имунолошкиот систем, карцином, убоди од инсекти, забоболки како и за регенерација на клетките, односно за чистење на крвта и организмот.

Не се препорачува!

Поради имуностимулативните својства на ехинацејата, не се препорачува за деца помлади од три години, кај бремени жени и жени кои дојат. Контраиндицирана е и нејзината истовремена примена со имуносупресиви и кортикостероиди. Исто така, до намалување на противоспалителните својства може да дојде доколку истовремено се користи со седативи, хипнотици и бета блокатори.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина