Чувар на куќата е интересно растение, кое често се користи како лек во народната медицина. Интересно е од своето име, преку изгледот, се до неговите лековити својства. Името го добило според народното верување дека ја чува и штити куќата и семејството од пожари, болести, удари од гром, вампири, вештерки и други несакани последици. Неговата отпорност најдобро ја опишува неговото латинско име Sempervivum, што во превод значи ,,секогаш живо“. Тоа е повеќегодишно растение од семејството на кактуси, уште познато и под имињата нетрес, тресет или жедник. Го карактеризираат дебели месести листови, полни со вода, и цветови со ѕвездест облик.

Расте од Мароко до Иран, преку планините на Пиринејскиот полуостров, Алпите, Карпатите, Балканот, Турција, се до Кавказ. На нашите подрачја почесто служи како украсно, отколку како лековито растение. Многу лесно се одгледува, отпорно е и може да се одгледува и во саксии и на отворено. Достапно е во различни бои и расте и до дваесеттина сантиметри. Издржува и во студени услови. Тоа е одговор на неговата висока толеранција на студ и способноста за преживување во зимски услови. Се бере од март до октомври, а ако расте во саксија, тогаш се бере во текот на целата година.
 

Чувар на куќата содржи танин, билна слуз, масло, смола, калциум малат, мравја и јаболкова киселина. Истражувањата имаат покажано дека содржи и флавоноиди и јагленохидрати. Во народната медицина се користи поради своите антивоспалителни, атстрингентски и диуретични својства. Се применува во облик на сок, облоги, маст, тинктура или чај. Маста се користи кај изгореници и рани, свежиот сок помага кај чир на желудник, а свежите издробени листови делуваат ефикасно кај брадавици, чиреви, сончеви пеги и жуљеви. Помага и при болести на ушите, оштетување на ушната мембрана и губењето на слухот. Неговиот сок го раствора церуменот во увото и ја намалува болката. Доволно е да се капнат 2 – 3 капки од сокот во увот да се одлежи малку и потоа да се остави сокот да се исцеди од увото.
 
Ова растение делува слично како и алое верата, која е позната во лекувањето на разни кожни болести. Поради своите антивоспалителни и антисептични својства служи и како одлична помош при изгореници, убоди и гризнувања, бидејќи веднаш пружа олеснување и смирување. Со него може да се третира и херпес зостер, бронхитис, гнојни воспалувања на забите и тврда кожа на стапалата. Ставено во мед, чувар на куќата лекува миоми и цисти на матката. Делува детоксикациски и се препорачува кај неумереност во јадење и пиење.
 
Помешано со врела вода, чувар на куќата заедно со малку мед ја снижува температурата. Сомелете 750 гр. листови чувар на куќата и измешајте ги со еден килограм мед. Земајте по една лажица од оваа мешавина наутро на гладно, а во текот на денот една до две лажици.
Како чај, чувар на куќата се користи кај обилни менструации, менструални грчеви, дијареа и чиреви. Се варат 10 гр. свежи или исушени листови од чувар на куќата 15 минути, во 250 мл. вода. Се процедува и се остава да се олади. Наутро, на гладно, се пие по една шолја, а потоа на секој час се зема по една лажица од овој чај.

 

Бремените жени и доилките треба да го одбегнуваат чувар на куќата.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина