brusnica_1

Го спречува навлегувањето на бактериите во уринарниот тракт, мочниот меур и бубрезите, а на постоечките не им дозволува да опстанат бидејќи го забрзува нивното исфрлање.

Вкусната и освежителна брусница, според мислењето на западните експерти, претставува најздравото овошје во синџирот на исхрана. Традиционалната медицина и оддава признание бидејќи како ретко кое растение, брусницата има силен антибиотски ефект. Таа е исклучително богата со витамин Ц, кој и го дава уникатниот киселкаст вкус.

Потекнува од Северна Америка, каде што домородците ја користеле како лек за многу болести, а Индијанците им ја ” откриле” на имигрантите во првата половина на 17 век. Во Европа пристигнала многу подоцна и нејзиното големо влијание врз здравјето не било веднаш забележано. Денес, брусницата е најмногу барана во Велика Британија, Франција и Германија, и претставува најзначајна земјоделска култура во Масачусетс, главниот светски производител.

Сепак, кај нас сеуште срамежливо го наоѓа својот пат до потрошувачите во драгоцената ризница на природата. Покрај витамин Ц, содржи и голема количина на витамин А, минерали, целулоза и многу други хранливи материи. Таа може да се јаде свежа, сушена, замрзната, а најчесто се конзумира како сок. Истражувањата покажаа дека три чаши дневно го зголемуваат нивото на антиоксиданси и добриот холестерол (HDL), со што се намалува ризикот од срцеви заболувања и васкуларни болести за дури 40 проценти.

Хипуричната киселина од ова растение дејствува како природен антибиотик со изразена активност против габи. Антоцијанините и проантоцијанините помагаат во регенерацијата на клетките, кои се одговорни за сетилото за вид. Благодарение на минималната количина на шеќер која се содржи во брусницата, се намалува глукозата во крвта, па затоа е препорачлива и за дијабетичарите.

Во народната медицина, брусницата се користи за лекување на инфекциите на уринарниот тракт. Исклучително е важна за жените, бидејќи речиси 60 проценти од припадничките на понежниот пол барем еднаш во својот живот се соочуваат со овој проблем. Инфекциите на уринарниот тракт се многу упорни, па кај една третина од пациентките повторно се јавуваат и по една година од нивното санирање. Кон инфекциите особено се склони повозрасните лица, бремените жени, жените во менопауза и постменопаузалните жени, дијабетичарите …

Научните истражувања покажаа дека кондензираните танини во брусниците го спречуваат навлегувањето на бактериите во уринарниот тракт, мочниот меур и бубрезите. Доколку тие се веќе присутни, сокот од брусница го спречува нивното залепување на ѕидовите на уринарниот тракт, заради што полесно се исфрлаат преку урината од организмот. Она што ја прави брусница вистински хит кај европските потрошувачи е успешното дејствување на најчестата и најнезгодната бактерија – E.coli.

За брусницата се тврди дека е високо ефикасна и против бактеријата Helicobacter pylori, која е најчет предизвикувач за појава на чир. Но, за бактеријата во целост да се елиминира, треба секој ден, во период од неколку месеци, да се пие сокот од брусница. Таа го намалува и бројот на бактериите во усната шуплина, со што ја спречува појавата на денталниот плак и гингивитисот. Докажано е дека има антиканцерогени својства, а состојките во неа го инхибираат растот на клетките на ракот и нивното проширување во телото.

Кај брусниците не е лековит само плодот туку и листот. Во народната медицина се користи за подобрување на имунитетот. Една лажичка мелени, сушени листови (или филтер пакетче) се прелева со 2 дл врела вода, се поклопува и се остава да отстои за пет до десет минути. Се процедува и се пие веднаш, додека е свеж.

Како да подготвите освежителен сок ?

brusnica_2

Три килограми свежи брусници ставете во еден литар вода и варете се додека кората не и испука. Потоа испасирајте ги, а сокот процедето го со помош на газа или цедалка. Додадете 250 гр шеќер, варете две минути и постојано отстранувајте ја пената. Топлиот сок се става во загреани шишиња, се лади и се пие.