Како гастроентеролог, Џејсон Тај-Дин гледа пациенти кои јадат само компири и понекогаш малку ориз. Тој вели дека тие се плашат да јадат нешто друго затоа што добиваат некаков вид на реакција. Понекогаш тоа е вистинска реакција, но во повеќето случаи причината е во тоа што имаат развиено страв од храната. Збунети се од симптомите и од својот однос кон храната. Тај-Дин вели и дека некои пациенти со плачење доаѓаат во неговата клиника и му кажуваат дека не знаат што да јадат. Овие луѓе доаѓаат до точка до која од својата исхрана имаат исфрлено толку многу нешта, што таа исхрана повеќе не е воопшто хранлива, и добиваат фобија од храната, која се нарекува орторексија.

Тај-Дин е шеф на лабораторијата за истражување на целијакијата на Институтот за медицински истражувања Волстер и Елиза Хол во Мелбурн, Австралија, и е и претседател на медицинскиот советодавен одбор при Здружението за истражување на целијакијата во Австралија. Тој се занимава со состојбата во која глутенот, протеинот кој се наоѓа во житарките како што се пченицата и јачменот, предизвикува опасна имунилошка реакција во цревата на пациентите.

Во последните неколку години, глутенот се поврзува со необично голем број на други болести, од аутизам, деменција, шизофренија се до дебелеење и дијабетес тип 2. Овие тврдења, за кои Тај-Дин вели дека имаат многу малку докази помогнале за појавата на трендот на безглутенска исхрана, која, според неговото мислење, се применува кај околу 30% од населението. Од друга страна, една американска студија, која се појавила ненадејно, тврди дека безглутенската исхрана може да придонесе за глобална епидемија на дијабетес тип 2. Тим истражувачи ја проучувал врската помеѓу внесувањето на глутенот, телесната тежина и дијабетесот тип 2 во лонгитудинална студија, со податоци кои досегаат во времето пред било кој да слушнал за овој протеин.

,,Сакавме да утврдиме дали консумирањето на глутенот влијае врз здравјето на оние кои немаат здравствени причини да го одбегнуваат’’, вели авторот на студијата, Џенг Цонг, кој се занимава со истражување на исхраната на Факултетот за јавно здравство Тх Чен при Харвард, Бостон. Овој тим собрал повеќе од четири милиони одделни податоци за учесниците низ годините, а поврзано со консумирањето на глутенот и здравствената состојба, што претставува огромен број кој потекнува од три лонгитудинални студии кои траеле три децении и кои опфатиле околу 200.000 учесници. Секој од овие учесници потполнувал прашални листови за својата исхрана, на секои две до четири години. Истражувачите го одредиле просечното внесување на глутен за секој учесник и ги поделиле во пет групи, од оние кои внесувале најмалку глутен, до оние кои најмногу го внесувале. 20% од оние со најголем внос на глутен добиле дијабетес тип 2 во 13% помалку случаи отколку оние со најмало внесување на овој протеин.

Оваа студија исто така дошла до заклучок дека внесувањето на глутен нема очигледно влијание на телесната тежина на учесниците. ,,Нашите резултати покажуваат дека внесувањето на глутен нема значајно негативно влијание на појавата на дијабетес тип 2 или на прекумерната телесна тежина’’, се вели во заклучокот на оваа студија, која била претставена на научен форум под името Начин на живот и кардиометаболичкото здравје во Орегон, а кој бил организиран од страна на Американската асоцијација за болести на срцето.

Од ова може да се заклучи дека ограничувањето на глутенот во исхраната нема да доведе до превенција од дијабетес тип 2, туку може да доведе до намалено консумирање на влакната од цереалиите или житарките од цело зрно, кои помагаат да е намали ризикот од дијабетес.
Цонг смета дека оние луѓе кои одбегнуваат да консумираат глутен можат да се доведат себеси до точка на прихранетост. Според него, безглутенската храна честопати содржи малку хранливи материи и е многу скапа. Една друпа, пак, американска студија, објавена минатиот месец во списанието Epidemiology, вели дека оризовото брашно, кое многу се користи во безглутенската храна, може да ги изложи луѓето на штетни загадувачки материи.

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина