Багремот е многу спомнуван на нашиве простори, иако малку се знае за него. Се работи за лековито растение кое се користи за лекување и остранување на многу тегоби. По потекло е од Канада и цвета во мај, кога дрвото се украсува со прекрасни миризливи бели цветови. Кај народот се употребува цветот, поретко листот (лат. Robiniae pseudacaciae flos et folium). Уште е попознат под името бел багрем, кралско дрво, бело дрво, хација. Цветот се бере непосредно пред отворањето, додека листот додека е уште млад. Денес, багремот е раширен низ цела Европа и расте самоникнато покрај светлите шуми. Поради својата раскошност и миризливи цветови се одгледува и како украсно дрво во градини, паркови и дрвореди. Неговите садници брзо растат, во првите години дури и повеќе од еден метар.

Воочливите цветови на багремот излачуваат многу нектар. Многу се вкусни и се јадат. Плодот е сплескан, до 11 см долги мешунки со 410 семиња со бубрежен облик. Во народната медицина познат е чајот од исушените цветови од багрем, кој покрај тоа што е вкусен делува лековито кај настинка и кашлица. Во свежите мешунки и семе се наоѓаат многу белковини, јагленохидрати и маснотии. Тие можат со сушење да се конзервираат и да се употребуваат како зеленчук.

 

Лековити својства

Цветовите на багремот содржат многу лековити својства и мала количина од отровниот робинин, кој се губи со термичка обработка и сушење. По сушењето, тие се чуваат во картонска кутија на суво место и се користат при настинки, грип, грчеви во желудникот и стомакот, за главоболки и за подобро лачење на жолчката. Исто така го намалуваат холестеролот и имаат диуретско и лаксативно дејство. Најчесто се консумира багремов чај.

 

Багремов мед

Веројатно најпознат дериват на багремот е неговиот мед. Има благ вкус, светложолта боја и убав мирис и спаѓа во една од поценетите видови мед. Споро се кристализира поради тоа што во составот содржи повеќе фруктоза од гликоза. Им се препорачува на децата, реконвалесцентите, постарите и на сите кои имаат проблеми со желудникот, нервозата, несоницата и немирот.

 

Рецепт со багремов мед за лекување астма, бронхитис и други дишни заболувања

Потребни состојки:

  • 1 кг. домашен багремов мед,
  • 100 гр. кафе,
  • 100 гр. плод од шипка ,
  • 20 гр. матичен млеч

Подготовка:

Медот се меша со испрженото и смелено кафе и добро исушениот и смелен плод од шипка. Им се додава матичниот млеч. Со миксер се мати се додека не се добие хомогена маса. Се става во стаклена тегла и се чува на темно место. Се консумира по една дрвена лажица пред секој оброк.

Багремот во служба на убавината

Багремот ја храни кожата, ја негува, помага да ја задржи влагата и ја спречува појавата на брчки. Од цветовите се произведува етерично масло кое се користи во производството на парфеми и козметика.

ВНИМАНИЕ! Кората од дрвото багрем е отровна и не смее да се користи во лековити цели. Во себе го содржи многу отровниот токсалбумин робин (до 1,6%), токсалбумин фазин, и неотровниот гликозид сирингин, трјесолива и смола. Робинот и фазинот ги аглутинираат еритроцитите кај некои животни и делуваат разорно на ткивата. Забележани се труења кај коњи кои покрај листовите ги јаделе и гранчињата од багремот, или кои во шталата се отруле со глодање на кората од колците од багрем што стојат во јаслите.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина