Авторите на шведската студија објавена во списанието „Lamcet Diabetes&Endocrinology“ предлагаат нова класификација на дијабетесот и воведување на пет категории – три потешки и две полесни. Авторот на оваа студија, професор од Универзитетот во Лунд, вели дека ова е прв чекор кон персонализирано лекување на дијабетесот.

 

Дијабетесот како проблем со апсорпцијата на шеќерот во организмот засега се вбројува во две категории – дијабетес тип еден, кој се јавува во околу 10% од случаите и кој најчесто ги напаѓа децата и младите, се карактеризира со недоволно лачење инсулин, хормон кој го оддржува нивото на гликоза во крвта, и дијабетес тип 2, кој се јавува кај 90% од болните. Овој тип се јавува како резултат на подолго зголемување на нивоата на шеќер во крвта, и честопати се поврзува до дебелината и животниот стил. Меѓутоа, шведските научници сега предлагаат прилагодување на класификацијата и воведување пет категории – три тешки и две полесни.

 

– Ова е првиот чекор кон персонализирано лекување на дијабетесот. Моменталната класификација не е доволна за предвидување на компликациите до кои може да дојде – рекол професор Гроп.

 

За да дојдат до петте категории, истражувачите испитувале податоци од 13.720 пациенти од 2008 година, и го анализирале нивното лачење на инсулин и нивото на шеќер во крвта во годината во која се разболеле. Првата од петте категории одговара на дијабетес тип еден. А преостанатите четири се подвидови на дијабетес тип 2, каде секој еден има свои посебни карактеристики.

 

Шеќерната болест или дијабетесот (лат. diabetes mellitus) е хронично, неизлечливо системско нарушување на метаболизмот, кое се карактеризира со трајно зголемено ниво на гликоза во крвта. Најчесто се појавува во постаро животно доба како последица од дегенеративни и склеротични промени во организмот (кои го зафаќаат и панкреасот), а кај помладите настанува по некое генетско нарушување или оштетување на панкреасот кај одредени заразни заболувања.

 

Според најновите податоци на Меѓународната дијабетес федерација, во светот од дијабетес боледуваат 415 милиони луѓе или секој единаесетти човек, од кои најмалку една третина не се свесни дека ја имаат оваа болест.

 

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина