Уште едни празници се веќе зад нас, што значи дека е време да се вратиме на нашиот вообичаен животен ритам, како и нашите вообичаени менија за јадење. Доколку одамна сте зачекориле во светот на добрите прехрамбени навики тогаш сигурно нема да ви претставува проблем да се вратите на својот режим, но доколку сте едни од оние на кои ова им е една од Новогодишните одлуки, можно е да си помислите” јас едноставно имам премалку време за сето ова”, и така да ја отфрлите и самата идеа за оваа важна животна одлука.

Но, за среќа сето ова може да се спречи со подобра организација на времето за подготовка на дневните оброци, односно мало планирање однапред, а се надеваме дека овој текст ќе ви даде дополнителна поддршка во подготовката на едноставни и вкусни комбинации на јадења, кои можете да ги понесете со вас на работа и на тој начин овој пат вашата одлука да ја спроведете на дело, во вистинско време и без многу мака.

Салата од туна и зеленчук

salata_1

 

Може ли да биде поедноставно од ова? Оваа шарена комбинација на вкусови и хранливи материи со својата брзина на подготовка го решава проблемот на недостаток од време за подговотовка на оброк и ви обезбедува максимална ефикасност на работа и добро чувство се до следниот оброк.

Потребни состојки (за 1 порција):

– 100 грама туна
– 2 лажици грашок
– 2 лажици пченка
– половина главица зелена салата
– 1 црвена пиперка
– една лажица маслиново масло
– неколку маслинки

Начин на подготовка:

Сите состојки измешајте ги со зелената салата во еден голем сад и зачинете ги со маслиново масло, бибер и оцет по вкус.

Здрав сендвич со лосос, урда и рукола

losos-sendvic_2

 

Лесните и здрави сендвичи се идеален избор за оние кои се постојано во брзање. Подгответе ги во вечерните часови или наутро пред работа – доволни ви се амо неколку минути за да ги подготвите сендвичите со здрави состојки. Важно е да ги изберете оние правите, кои ќе ве заситат и ќе му го обезбедат на вашето тело тоа што му е потребно. Секогаш кога ќе бидете во можност, употребете различни извори на протеини и зеленчук, за да можете да си обезбедите повеќе различни хранливи состојки во текот на неделата.

Потребни состојки (за 1 порција):

– 50-70 g интегрален леб
– 50 g димен лосос
– 30-50 g урда
– Малку рукола
– домати

Начин на подготовка:

Земете тенко парче интегрален леб, намачкајте го со лажица урда и ставете ја внатре руколата, доматот и парчето димен лосос. Поклопете со другата половина од лебот и имате вкусен и избалансиран сендвич, кој по желба, можете да го надополните со чаша млеко или јогурт.

Интегрална тортиља со јајца

tortilja-so-jajce_3

 

Тортиљите, исто како и сендвичите нудат многу варијанти за подготовка. Овој пат одбравме една од најбрзите. Наместо месо како прилог и традиционална подготовка на лут сос, овој пат за да го забрзаме процесот ќе додадеме јајца (што може да се сварат и претходната вечер) и малку хранлив зеленчук. По ова, вашата тортиља е готова и можете да уживате во овој брз, здрав и вкусен оброк.

Потребни состојки (за 1 порција):

-1 интегрална тортиља
-2 тврдо варени јајца
-1 белка
-1 црвена пиперка
-малку марула

Начин на подготовка:

Сварете ги јајцата, а во меѓувреме малку загрејте ја тортиљата на веќе загреана тава (или во рерната). Варените јајца исечете ги на кругови, пиперките исецкајте ги на парчиња и со лист од зелена салата наполнете ја тортиљата. Завиткајте по желба и уживајте во вашиот оброк!

Совет: наместо тврдо-варени јајца можете да подготвите и омлет, а тортиљата можете да ја премачкате и со малку сос од домати или да додадете малку сенф.

Мисиркини мафини

misirkini_mafini_4

Доколку сте љубител на месо и имате време и желба да пробате нешто ново, обидете се со овој рецепт. Овие мафини се лесни за подготовка и се многу практични, па можете да ги носите со вас на работа. Само ставете ги во еден сад и додадете некој зеленчук или зелена салата, по желба. Но внимавајте, бидејќи заради лукот и кромидот имаат поприлично интензивен мирис, а подгответе ги колегите или малку намалете ја дозата.

Потребни состојки (за 8 мафини):

-50g мелени овесни снегулки
-1 лажичка црн пипер
– половина лажичка сол
-1 лажичка лук во прав
– половина мал кромид, ситно исечкан
– мала лажичка зачин за пилешко месо
– 500g мисиркино мелено месо
– 1 цело јајце + 1 белка

Начин на подготовка:

Измешајте ги добро сите суви состојки за да можат соодветно да се соединат. Додадете го меленото месо, јајцата и белката од јајце, и со помош на рацете направете смеса.

Намачкајте ги калапите за мафини и формирајќи топчиња, ставете ја смесата во секој од калапите. Печете во загреана рерна на 190 степени, околу 40 минути.

Во смесата исто така можете да додадете целер или зелена / црвена пиперка. Послужете со зеленчук по ваш избор.

Интегрална штрудла со тиквички и урда

strudla_5

Освен готови кори за штрудла, за подготовка на ова вкусно јадење ви е потребно уште само малку време и неколку состојки- за да направите здрав оброк со помош на кој ќе ја заобиколите пекарата во потрага по брзо решение за време на пауза, а можеби и ќе ги почестите вашите колеги.

Потребни состојки (за 2 штрудли):

– 4 интегрални кори за штрудли
– 500g тиквички
– 1dcl млеко
– 200g урда
– 2 лажици маслиново масло
– 30g интегрално брашно
– малку магдонос
– една лажичка вегета
– 2 лажички оригано

За сосот:

– 1 јајце
– лажичка масло
– лажичка млеко
– лажичка јогурт

Начин на подготовка:

Излупете ги тиквичките, исечете ги, поолете ги и исцедете ги за да го отстраните вишокот на вода. Додадете ги млекото, урдата, маслиновото масло, брашното и зачините и сето тоа добро измешајте го. Две кори премачкајте ги со сосот (дел од сосот оставете за премачкување на готовите кори) ставете ја смесата и потоа поклопете ги со другите кори. Свиткајте ги штрудлите, премачкајте ги со остатокот од сосот и печете ги во фолија во загреана рерна околу 30 минути на 180 степени. По желба, послужете со чаша јогурт.