Сите ние сме единствени индивидуи. Имајќи го тоа на ум, не постои ниту една добра причина за постоење универзални правила во фитнесот, како и во било кој друг спорт. Кога станува збор за чучњевите, се разбира, сите знаат кои се основните правила кои мора да се следат за да останете здрави и неповредени – исправен грб, правилно дишење, распоредување на тежината на целото стапало и стегнат стомак. Значи овие се основните правила без кои не можете да правите чучњеви.

 

Но, кога станува збор за овие правила, сертифицираниот приватен тренер Ли Бојс, нема баш пофални зборови. Тој смета дека едноставно постојат различни мускулатури и различни видови на градба, па за сите нив треба да постојат соодветни вежби.

 

Мит 1: Стапалата мора да бидат во ширина на рамената

 

“Да бидеме реални. Оваа поза можеби може визуелно да изгледа привлечно кога ќе се спуштите да направите чучњеви, но во овој случај воопшто не се обрнува внимание на анатомијата на вежбачот. Постојат луѓе кои имаат многу широки рамена, па така оваа позиција речиси би ги поставила во позиција на сумо чучњеви . “, вели Бојс и додава” Размислете за градбата на карлицата. Ова тврдење би значело дека зглобот на колкот кај секој човек се наоѓа на истото место, што едноставно не е можно. Кај чучњевите најважно е да застанете во почетна позиција која ќе ви овозможи најголема длабочина на движења, повторно во зависност од вашата градба, односно скелет. Набљудувајте го зглобот на својот колк, доколку зглобот на колкот ви е поблиску до надворешниот дел од карлицата тогаш за вас е подобар поширок став и обратно. Доколку не го слушате вашето тело, постои голема шанса да се повредите “.

 

Мит 2: Колената НИКОГАШ не би требало да ги надминуваат прстите

 

Ова е веројатно еден од најчестите митови кога станува збор за чучњевите. “Ако размислите за било кое функционално сценарио, нашите колена ги преминуваат прстите на стапалата секојдневно, кога одиме нагоре или надолу по скалите, кога ќе седнеме во фотелја и така натаму.Не би требало да го тренираме телото така за да ја избегнува оваа појава. Не е лошо за вашите колена и доколку тоа го дозволите. Но повторно, тоа зависи од самиот скелет, на пример вежбач со долги нозе и кратко торзо никогаш нема да биде во можност да се спушти доволно длабоко, поради своите пропорции. “, вели Бојс.

 

Мит 3: Не одете под паралелата

 

Многу вежбачи и тренери избегнуваат да одат во подлабоки чучњеви од моментот кога бутовите се паралелни со подот. Причината за тоа е само мит кој кажува дека доколку го правите ова, со текот на времето ќе се повредите. “Кога ќе одите под паралелата, нема да се повредите доколку грбот ви остане исправен, а доколку го свиткате грбот до повреда ќе дојде без оглед на тоа дали ќе направите длабоки чучњеви или не. Се разбира, идеално би било да ја истестирате својата сила пред да започнете да правите длабоки чучњеви” .

 

Мит 4: Гледајте нагоре, за грбот да ви остане прав и за да видите каде ви е целта

 

“Кога правите било каква вежба, тивок убиец на вашиот ‘рбет е гледањето во таванот за време на вежбањето. Сите вежби најдобро се изведуваат кога’ рбетот ви се наоѓа во неутрална положба. Кога се во прашање чучњевите, спуштете ја малку брадата надолу и фокусирајте се на просторот пред вас, некаде околу самите колена при спуштањето. ” заклучува Ли Бојс.