Најверојатно и вие голем дел од времето со другите разговарате за начинот на исхрана. Па така, сигурно често се среќавате со луѓе кои никогаш не ни помислиле на одредени намирници кои би требало да бидат составен дел од секојдневното мени.

Една од овие често заборавени намирници е – лососот. Делумно поради неговата цена, недостаток на идеи за негова подготовка, или поради стравот од масти. Штета, не само заради одличниот вкус, туку и заради богатството од нутритивни состојки кои ни ги нуди лососот во само една порција, а тоа е изобилство од омега-3 масни киселини, висококвалитетни протеини, минерали и витамини (особено витамин Д) – сите потребни хранливи материи за оптимално функционирање на организмот.

Што се однесува до маснотиите, стравот е целосно неоснован бидејќи не се сите масти еднакви, а оние кои се содржат во лососот (за оние кои не го знаат тоа) се последните кои би требало да се исфрлат од исхраната заради нивниот исклучително позитивен ефект врз здравјето.

Со здравствените придобивки од консумирањето на омега 3 масните киселини сигурно сте веќе добро запознати, но секако нема да пречи да повториме некои од нив:

  • Заштита на здравјето на крвниот систем (ги чуваат артериите, го намалуваат зголемениот холестерол и триглицеридите)
  • Помагаат за подобра функција на мозокот и го подобруваат помнењето
  • Ги чуваат коските, мускулите и зглобовите
  • Придонесуваат за убавината на кожата
  • Позитивно влијаат врз менталното здравје

Со сите овие предзнаења, како и неколку добри идеи за оброци, ќе ви биде полесно да ја вклучите оваа хранлива намирница во вашето мени за исхрана барем два пати неделно. Иако свежиот лосос надополнет со разни зеленчуци е совршен избор за било оброк, а особено за лесна вечера, овој пат се одлучивме да ви претставиме неколку брзи рецепти со димен лосос, само поради практичноста и брзината на подготовка, која (заедно со одличниот вкус на храната) е често и основното барање во овие брзи времиња.

Без разлика на тоа која верзија ќе ја одберете, свеж или димен лосос, откако и сами ќе се уверите во неговиот вкус и делотворност, ќе ви биде жал што и претходно не сте го пробале! 😉

Забелешка: сите состојки се за една порција, а вие можете слободно да си ги прилагодите на своите количини и потреби. Овие примери содржат отприлика околу 25-30 g протеини, околу 30g јаглехидрати и до 15 g маснотии.

Омлет со лосос

omlet-so-losos

Ова е одличен избор за оние кои сакаат да го започнат денот со јајца (висококвалитетна протеинска намирница), но веќе се замориле од едноличноста на овој појадок. Ако сте меѓу таквите луѓе и сакате малку промена, пробајте да го зачините омлетот со парчиња од димен лосос и сигурни сум дека вкусот ќе ви се допадне и ќе ве освои. Омилените зачини се секогаш добредојдени! Ориганото е секогаш одличен избор.

Потребни состојки:

  • 2 цели јајца
  • 2 белки од јајца
  • 30 g димен лосос
  • половина главица кромид
  • оригано

Начин на подготовка:

Ситно исечканиот кромид малку пропржете го на маст по избор. Додадете ги изматените јајца. Лососот исечкајте го на ситни парчиња, па додадете ставете го во омлетот малку пред крајот на готвењето. Зачинете со оригано и уживајте. По желба, додадете парче интегрален леб, парче интегрален тост или неколку интегрални крекери.

Сендвич од ‘ржан леб, урда и лосос

 

losos-sendvic

Брз, лесен и избалансиран оброк, готов за 5 минути, а многу богат со хранливи материи. Дополнителна предност е тоа што со оваа комбинација успешно ќе ја задоволите гладта поради високата содржина на влакна и оптималните количини на протеини и масти, кои исто така придонесуваат за зголемено чувство на ситост. За екстра вкус додадете малку оригано или некој друг зачин по ваша желба.

Потребни состојки:

  • 50-70 g ‘ржан леб
  • 100 g урда
  • 50 g лосос

Начин на подготовка:

На ‘ржаниот леб, намачкајте ја урдата и врз неа наредете ги парчињата лосос. Со овој оброк одлично оди и мешана салата.

Продолжи кон вториот дел