Секој од нас е личност сам по себе, па така и симптомите и тегобите во бременоста се разликуваат кај секоја трудница посебно. Сепак, постојат одредени тегоби кои се почести и кои се јавуваат во одредени периоди од бременоста. Во продолжение погледнете кои се тие и како можете да се ослободите од нив.

Мачнини

Кај поголем дел од трудниците се јавуваат мачнини на почеток од бременоста. И, иако се смета дека овој проблем се јавува само наутро, трудниците знаат дека тоа не е секогаш вистина, бидејќи може да се случи да им биде тешко преку целиот ден, па и навечер. Кај некои таа состојба се ограничува на повремено чувство, кое не пречи многу, додека кај некои се комплицира со повраќање, кое може да биде привремено, или кое може да се влоши толку многу, што да биде потребно сместување во болница и надоместување на загубените течности.

Не се знае точната причина за појава на мачнините на почеток на бременоста, но се смета дека тие се поврани со хормонските промени. Можат да започнат веќе околу петтата или шесттата недела, а обично траат до 14 недела. Повраќањето само по себе може да биде опасно за трудницата доколку повраќа повеќе од четири до пет пати дневно, а притоа не внесува вода ниту храна. Во тој случај треба веднаш да се појде на доктор, кој ќе процени дали треба да се прими во болница, со цел да се надоместат загубените течности со витамини. Не постојат начини за да се спречат мачнините и повраќањата, но може да се намали зачестеноста и интензитетот на тегобите, така што трудниците ќе конзумираат помали оброци, но почесто ќе јадат (и тоа не премногу зачинета храна која нема интензивен мирис). Треба да пијат многу течности и да се обидат да појадуваат пред да станат од кревет. Притоа станувањето треба да се прави полека, не нагло да се станува од креветот. Треба да одбегнуваат напитоци кои содржат кофеин и алкохол, да не пушат, да не престојуваат во простории каде што се пуши и почесто да одат на прошетки и на свеж воздух.

Киселини

Појавата на киселини за време на бременоста не е ретка појава. Таа дури е почеста во подоцнежната бременост. За да се намали ова непријатно чувство, треба да се јадат помали порции, почесто (на секои два – три часа) и да се одбегнува премногу зачинета и кисела храна – црн пипер, лук, портокали, лимон, грејпфрут… Јадењата треба да се подготвуваат на пареа наместо на масло и да се избегнува мрсна храна. Исто така, по јадењето препорачлива е кратка прошетка.

,,Синдром на немирни нозе,,

Овој синдром се јавува релативно често за време на бременоста, посебно во последната третина. Трудниците го опишуваат како ,,да им минуваат мравки по нозете,,. Обично поминува кога ќе се смени положбата на нозете. Не се знае што доведува до ова чувство, но можно е да е поврзано со слабокрвноста. Поради тоа што не се знае што го предизвикува, не постои ни ефикасна терапија. За среќа, нема никакви негативни последици, па кога ќе почувствувате ,,мравки,, во нозете, само сменете ја положбата или прошетајте се.

 

Вљубеничка во здравата исхрана и науката, сака да чита литература од разни жанрови и обожава медицина